Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во СУГС „Владо Тасевски“ во Скопје се обрати на официјалното започнување на кампањата за подигнување на јавната свест за ризиците од злоупотреба на мало и лесно оружје, наменета пред сè за младата популација.
Кампањата е дел од проектот „Поддршка на националните власти на Македонија во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје“, кој се реализира со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и меѓународни партнери.
Во своето обраќање, Тошковски нагласи дека младите се најголемото богатство на општеството и дека токму преку вакви активности се гради свеста за одговорно однесување и безбедност.
„Оваа кампања е порака до младите дека животот не е игра и дека секоја постапка носи последици. Токму затоа ја испраќаме јасната порака – ‘Животот нема рестарт. Оружјето не е игра!’. Доволен е еден момент на невнимание за да се предизвикаат последици што траат цел живот, не само за поединецот, туку и за неговото семејство и заедницата“, истакна министерот.
Тој потенцираше дека превенцијата е клучна и дека справувањето со злоупотребата на оружје и насилството кај младите е заедничка одговорност на сите – институциите, училиштата, родителите и локалните заедници.
Кампањата ќе се реализира во повеќе градови низ државата, преку посети на училишта и интерактивни активности, со цел директна комуникација со младите и подигнување на нивната свест за ризиците.
Во рамки на настанот беа одржани презентации за законските одредби, беа споделени студии на случај и едукативни материјали, а учениците имаа можност да учествуваат и во интерактивен дигитален квиз. На крајот беше реализирана и показна вежба на Единицата за службени кучиња.
Министерството за внатрешни работи останува цврсто посветено на превенцијата и заштитата на младите, преку континуирана соработка со сите релевантни чинители во општеството, со цел градење побезбедна и посигурна иднина, велат од таму.












