Славната турска актерка во центарот на истрагата: Ханде Ерчел на списокот на осомничени во голема акција поради дрога

Точка

25/03/2026

19:29

731

Големина на фонт

а а а

Турските власти спровеле обемна акција во рамки на голема истрага поврзана со дрога, во која на удар биле познати личности од светот на бизнисот, спортот и забавата.

Во ноќните часови бил извршен упад на повеќе адреси, а осомничените биле приведени на сослушување во полициски станици. Меѓу осомничените е и една од најплатените турски актерки, Ханде Ерчел, која домашната публика ја памети по улогата во серијата „Чукни ми на врата“.


Турските медиуми пишуваат дека истрагата за злоупотреба на дрога, која веќе со месеци го потресува светот на славните, продолжила со нов бран апсења и претреси на станови на повеќе познати личности од јавниот живот. Истрагата ја води Канцеларијата на државниот обвинител во Истанбул, а опфаќа, како што наведуваат, не само можни корисници, туку и лица за кои постои сомнеж дека овозможувале консумација на дрога, посредувале или организирале нелегално коцкање.

Уапсени се актери, пејачи, модни креатори, менаџери и деца на претприемачи, а дел од нив се товарат по членови што се однесуваат на поседување и употреба на дрога, поттикнување други на консумација, посредување во проституција, како и овозможување простор за нелегално коцкање.


Обвинителството во своите соопштенија нагласува дека станува збор за „континуирана истрага“ што се темели на собрани докази, искази на претходно приведени лица, како и следење на комуникации и финансиски трансакции.

Деталите се непознати

Меѓу имињата за кои е потврдено дека постои налог за апсење се наоѓа и Ханде Ерчел, заедно со поранешното момче Хакан Сабанџи, претприемачот Фикрет Орман, членови на семејството Сабанџи, како и манекенките Дидем Сојдан и Гузиде Дуран.


Официјалните институции засега се многу воздржани кога станува збор за деталите, па така нема потврдени информации за тоа што точно ѝ се става на товар на славната Турчинка – дали станува збор за наводна консумација, учество во некои од наведените дејства или само за поврзаност со лица кои веќе се во фокусот на истрагата.


Ерчел, во моментот на издавање на налогот се наоѓала во странство, па за неа, како што пишуваат локалните портали бил издаден налог да биде уапсена веднаш штом влезе во земјата. Многу обожаватели на познатата актерка изразуваат неверување, а во меѓувреме актерката се огласила во врска со налогот за апсење.

Таа во објава на Инстаграм изјавила: „Поради моето образование веќе околу еден месец се наоѓам во странство. Синоќа, како и вие, за случајот дознав од медиумските извештаи и ќе се вратам во мојата земја за да ја разјаснам ситуацијата, да ги дадам потребните изјави и својот исказ“ и додала: „Јас сум личност што ја сака својата земја и има доверба во својата власт и турската правда. Верувам дека ситуацијата ќе биде разјаснета што е можно поскоро“.


Бројни обожаватели на актерката изразија неверување во врска со веста додека други истакнуваат дека ова е само уште еден во низата докази за тоа колку силно истрагата ја зафатила турската „А-листа“.