Силен земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала ја погоди Света Гора во Грција вчера вечер во 21:08 часот по локално време. Потресот предизвикал значителна вознемиреност кај монасите и поклониците и предизвикал материјална штета на манастирските згради.
Пријавени се штети на зградите и во црквата
Во Кареја, административниот центар на Света Гора, се појавиле бројни пукнатини во постарите згради. Во времето на земјотресот, се одржувала служба, а монасите и поклониците истрчале на отворено од страв.
Поклониците кои се нашле во крајбрежните области велат дека земјотресот траел долго време и бил придружен со силен татнеж. Силата на татнежот ја потврдува и видео објавено од грчкиот портал Voria.gr, кое е снимено од надзорна камера, во близина на манастир.
Монаси: „Лустерите се нишаа, има вознемиреност“
„Беше прилично силен земјотрес, почувствувавме дека потресите доаѓаат од долу нагоре. Траеше долго време и нè исплаши. Лустерите се нишаа, а паѓаа и некои мали предмети. Следеа уште неколку земјотреси со пократко траење и помал интензитет. Генерално, има вознемиреност“, изјавија монасите за порталот Voria.








