[ВИДЕО] Документарец ја потресува Унгарија пред изборите: „Како Орбан ги заплашува и купува гласачите“

Макфакс

27/03/2026

07:55

963

Големина на фонт

а а а

Владата на Виктор Орбан во Унгарија е обвинета за масовно заплашување на гласачи во филм објавен пред парламентарните избори на 12 април, а во време кога владејачката партија заостанува во анкетите на јавното мислење.

Документарецот „Цената на гласот“, кој се прикажа во кино во Будимпешта и на YouTube вчера вечер, ги претставува резултатите од шестмесечна истрага спроведена од независни филмски работници и новинари, објави Би-Би-Си.

Во филмот, гласачи, градоначалници, поранешни изборни службеници и еден полицаец тврдат дека се нудат големи суми пари, па дури и нелегални дроги, за да се изврши притисок врз луѓето да гласаат за партијата Фидес на Орбан.

Во филмот се тврди дека овие активности се насочени кон 53 од 106-те поединечни изборни единици во Унгарија и вклучуваат до 600.000 гласачи, што потенцијално е 10 проценти од очекуваната излезност од шест милиони гласачи.

По 16 години владеење на Фидес под водство на Орбан, најновите анкети покажуваат дека партијата заостанува зад централно-десничарската опозициска партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, барем со таа разлика.

Сите вклучени изборни единици се рурални или мали урбани заедници во кои доминира Фидес од 2010 година. Филмот ја прикажува руралната Унгарија составена од сиромашни села.

Според тврдењата во филмот, локалните градоначалници држат строга контрола врз секојдневниот живот, обезбедувајќи работни места, гориво, превоз до гласачките места, а во еден случај дури и пристап до лекови, во замена за „точен“ глас на денот на изборите.