Меѓународната федерација на фудбалски асоцијации (ФИФА) усвои серија нови правила кои ќе се применуваат веќе на Светското првенство во 2026 година. Главната цел е да се забрза играта и да се намалат доцнењата за време на натпреварите.
Правилата претходно беа одобрени од Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (IFAB) на состанок одржан во Велс претходно овој месец.
Според најавите, се воведуваат пет клучни промени.

Играч кој ќе го напушти теренот за време на замена ќе мора да го стори тоа во рок од десет секунди, а доколку го надмине тоа време, неговата замена ќе мора да почека дополнителна минута пред да влезе во играта.
Времето за извлекување на аут и гол-аут ќе биде ограничено на максимум пет секунди. Доколку играчот не ја изведе топката во тој рок, таа преминува во сопственост на противникот.
Фудбалерот кој ќе добие помош на теренот ќе мора да го напушти и да почека најмалку една минута пред да се врати во играта, освен во случаи кога прекршокот е санкциониран со жолт картон.
Системот за видео помошник на судијата (ВАР) добива проширени овластувања, па во иднина ќе може да интервенира во спорни корнери, како и во одредени ситуации поврзани со жолти картони што довеле до црвен картон.

Друга новост предвидува дека само капитенот на тимот ќе има право да му се обрати на судијата. Доколку другите играчи го опкружат судијата или му зборуваат, ќе добијат жолт картон.
Светското првенство во 2026 година ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико, па затоа мора да почекаме уште неколку месеци за да видиме во пракса колку новите правила ќе придонесат за подобрување на фудбалската игра.