Бандерас за заминувањето од Холивуд и враќањето во родната Малага: „Соочувањето со смртта беше предупредување“

Точка

27/03/2026

15:16

924

Големина на фонт

а а а

Антонио Бандерас го напуштил холивудскиот гламур пред речиси десет години и денес, како што вели, не жали за ништо.

Славниот 65-годишен актер се вратил во родната Малага во 2017 година, а на тој чекор го поттикнал тежок срцев удар кој, како што самиот вели, целосно му го променил погледот на животот.

Пресвртница што му го променила погледот на животот

Во интервју за „The Times“, Бандерас го опишал срцевиот удар како пресвртен момент. „Тоа беше навистина сериозно предупредување. Ми го промени погледот на животот“, рекол тој.


Пред здравствената криза живеел меѓу САД и Велика Британија и имал вила во Кобам. По срцевиот удар веднаш престанал да пуши, го продал приватниот авион, се вратил во Малага и таму купил театар.

„Кога ќе се соочиш со смртта, почнуваш да преиспитуваш сè. Тогаш сфатив дека, во суштина, сум театарски актер“, рекол тој.

Нов живот во родната Малага

Бандерас денес живее во стан со својата долгогодишна партнерка Никол Кимпел, а воедно е и косопственик на неколку ресторани. Сепак, неговата најголема страст е непрофитниот театар Teatro del Soho. „Никогаш не сум бил посреќен“, рекол тој.


Тој се присетил и на почетоците на својата кариера во Холивуд и открил дека несигурноста поради тоа што англискиот не му е мајчин јазик со текот на времето исчезнала. Вели дека во тоа му помогнал и периодот од бракот со Мелани Грифит, со која бил 18 години, сè до разводот во 2015 година.

Осврт на холивудските стереотипи

Бандерас се присетил и дека на почетокот од кариерата во Холивуд му велеле дека, како Шпанец, најчесто ќе добива улоги на негативци. Тој стереотип го срушил со филмот „Маската на Зоро“ од 1998 година.

„Иронијата е во тоа што неколку години подоцна јас носев маска, шешир, меч и наметка, а негативецот беше капетан Лав — русокос и синоок“, рекол тој.


Тој додал и дека особено важен му е анимираниот филм „Мачорот во чизми“ од 2011 година.

„Тој филм ми е важен затоа што е наменет за деца. Тие гледаат мачор со шпански, па дури и андалузиски акцент, кој е позитивен лик.“