Finance Think изврши моделска пресметка на ефектите од актуелниот геополитички шок врз инфлацијата, која се базира на три сценарија, кои се разликуваат според интензитетот и перзистентноста на ценовниот шок кај енергенсите, како и по начинот на негово пренесување во економијата.
Во основното сценарио, се претпоставува дека шокот е веќе делумно вграден во тековните пазарни цени и дека нема натамошна ескалација. Цените на енергенсите краткорочно растат, со пик до крајот на вториот квартал од 2026 година, по што релативно брзо се стабилизираат во услови на деескалација на воените активности и започнуваат постепено да опаѓаат во втората половина на 2026 и текот на 2027 година. Преносот кон останатите цени е ограничен и постепен, без значајни секундарни ефекти.
Според Институтот, во неповолното сценарио, се претпоставува посилен, но сепак временски ограничен шок. Цените на енергенсите растат понагло и достигнуваат повисок пик во третиот квартал од 2026 година, додека неизвесноста и надворешните услови дополнително се влошуваат. Во ова сценарио, преносот кон другите цени е поизразен, вклучувајќи и индиректни и секундарни ефекти, но со текот на времето шокот почнува да се повлекува, со видлива нормализација во текот на 2027 година.

Во екстремното сценарио, експертите велат дека се претпоставува силен и перзистентен шок, поврзан со продолжена геополитичка ескалација и трајни нарушувања во снабдувањето. Цените на енергенсите продолжуваат да растат и достигнуваат пик кон крајот на 2026 година, по што остануваат релативно високи подолг период и започнуваат да опаѓаат побавно во текот на 2027 година. Преносот во економијата е поинтензивен и поширок, поради што инфлаторните притисоци се позадржани и поизразени.
„Резултатите од моделските пресметки за Северна Македонија покажуваат дека инфлацијата ќе се зголеми во сите сценарија, но со значајни разлики во динамиката. Во основното сценарио, растот на инфлацијата е умерен и краткотраен, со пик во средината на 2026 година, по што следи постепена нормализација. Согласно на ова, Finance Think ја ревидира својата проекција за просечната инфлација во 2026 година на 3.5% со изразени нагорни ризици“, велат од Finance Think.
Целосниот текст прочитајте го на следниот ЛИНК.











