[ВИДЕО] Познат олимписки спортист преживеа хорор на лет: Мотор експлодирал при полетување

Точка

31/03/2026

12:00

495

Големина на фонт

а а а

Вистинска драма се одвивала на небото над Бразил, а сè од прва рака го доживеал познатиот олимписки спринтер Ерик Кардосо. Специјалистот за 100 метри се наоѓал во авион чиј мотор експлодирал само неколку секунди по полетувањето од аеродромот во Сао Паоло.

Авионот на компанијата „Delta Air Lines“ полетал кон Атланта, но набргу дошло до експлозија на левиот мотор. Пламен и запалени делови паѓале кон земјата, а покрај пистата избил и пожар, пренесува „ge.globo“.

Кардосо на социјалните мрежи ги опиша драматичните моменти.

„Моторот експлодираше веднаш при полетувањето, почна да гори. Неколку минути подоцна ни рекоа дека сме изгубиле една турбина. Тоа беше очајно. Авионот почна да губи висина и се обидувавме да се вратиме со еден мотор“, изјави тој.

Во моменти на голема напнатост, пилотот успеал да ја задржи контролата над авионот и да се врати на аеродромот, каде било изведено итно слетување. За среќа, никој не бил повреден.

„Му благодарам на Бога, безбедно слетавме. Пилотот заврши неверојатна работа“, додаде Кардосо.

Ерик Кардосо е едно од најголемите имиња во јужноамериканската атлетика. Се прослави во 2023 година кога стана првиот Бразилец кој ја истрча трката на 100 метри под 10 секунди (9.97), а во 2025 дополнително ги помести границите со време од 9.93, што е национален и јужноамерикански рекорд.

Тој настапи и на Олимписките игри 2024 во Париз.