Граѓаните се лути: Пресметано колку долго Германците треба да работат за да купат еден литар бензин

Точка

01/04/2026

16:16

730

Големина на фонт

а а а

Возачите во Германија се револтирани поради наглото зголемување на цените на горивата од почетокот на војната во Иран. Сепак, во актуелната криза засега заработуваат за еден литар бензин побрзо отколку во претходните, пресметал Институтот за германска економија (IW), пренесува Германската новинска агенција (dpa).

Просечен работник во моментов заработува за еден литар бензин за четири минути и 53 секунди. Основата на пресметката е просечната нето-плата од 25,56 евра на час, како и цената од 2,08 евра за литар супер бензин.


За време на нафтената криза во 1974 година, за „производство“ на еден литар биле потребни 6,3 минути работа, а по Арапската пролет во 2011 и 2012 година нешто помалку од шест минути. Војната во Украина во 2022 година го постави овој показател на 5,2 минути, пишува „Fenix-magazin“.


Цената на литар бензин се зголемила седум пати од 1960 година, изјави економистот на "IW" Кристоф Шредер. „Сепак, просечната нето-плата во истиот период пораснала речиси 20 пати – од 1,29 евра на 25,56 евра по час.“ Возач во Германија во 1960 година морал да работи околу 14 минути за секој литар бензин, односно речиси три пати подолго отколку денес.


„Растот на приходите значително го надмина растот на цените, па луѓето денес можат да си дозволат повеќе бензин отколку порано“, изјави Шредер. Сепак, додаде тој, ситуацијата може значително да се промени, бидејќи е можно врвот на кризата поврзана со војната во Иран допрва да следи. Доколку, на пример, цената на бензинот достигне 2,30 евра за литар, просечниот вработен ќе треба да работи пет минути и 24 секунди.