Македонија и Мароко ја продлабочуваат соработката во економијата и инфраструктурата

Макфакс

01/04/2026

15:56

137

Големина на фонт

а а а

Во периодот од 1 до 2 април 2026 година, во Рабат, се одржаа политички консултации меѓу делегации на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници на Кралството Мароко, предводени од заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски и генералниот директор за меѓународни политички прашања во Министерството за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници на Кралството Мароко, амбасадорот, Фуад Јазур.

На пленарната сесија во Министерството за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници беа разгледани прашања поврзани со севкупните односи меѓу двете земји, како што е политичкиот дијалог, парламентарната соработка и претстојните посети на високо ниво, особено во пресрет на одбележувањето на 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи следната година. Посебно внимание беше посветено на економските односи и можностите за соработка во трговијата, инвестициите, енергетиката, туризмот и образованието, со акцент на стратешката позиционираност на двете земји како важни крстосници и нивниот потенцијал за унапредување на постојните транспортни и логистички коридори.

“Нашата стратешка позиција на Коридорите 8 и 10, како и улогата на Мароко како врата кон Африка, создаваат можност за продлабочување на соработката во логистиката, енергетиката и дигиталната инфраструктура. Нашата заедничка цел е да овозможиме простап до комплементарните пазари, европскиот за Мароко и африканскиот за Северна Македонија, преку поинтензивна економска и инфраструктурна поврзаност“, истакна Димитровски.

Двете страни се осврнаа и на мултилатералната соработка, пред сè, во рамките на Обединетите нации и Унијата за Медитеранот, како и на регионалните и глобалните прашања – од состојбите во Западен Балкан и регионот MENA, до актуелните безбедносни предизвици поврзани со Украина, Блискиот Исток и Африка. На разговорите стана збор и за збогатување на постојната билатерална договорна рамка и финалните подготовки за потпишување на неколку билатерални акти.

Посетата на Рабат, започна со кратка, протоколарна средба на заменик министерот, Димитровски со министерот за надворешни работи на Кралството Мароко, Насер Бурита, кој посака успешна работа и ги изрази своите очекувања посетата да претставува добра основа за понатамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји.

Во рамките на посетата на Кралството Мароко, делегацијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија имаше средби и со државниот секретар во Министерството за индустрија и трговија задолжен за надворешна трговија, Омар Хеџира, како и со претседателката на парламентарната група за пријателство со Собранието на Република Северна Македонија во Претставничкиот дом на Кралството Мароко, Каула Ел Харчи, при што беа потврдени одличните заемни односи и перспективите за нивно натамошно унапредување во непосредниот период.

Во текот на посетата, од двете страни беше потврдена волјата силната политичка релација да прерасне во подинамична и посеопфатна секторска соработка која ќе доведе до динамизирање на економските и трговските односи меѓу двете земји.

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски одржа и предавање во Кралскиот институт за стратешки студии, при што говореше за приоритетите во надворешната политика на Република Северна Македонија.