Кардиолог открива: Овој знак сите го игнорираат, а може да значи дека ви се приближува инфаркт

Точка

07/04/2026

07:12

1.146

Големина на фонт

а а а

Кардиологот д-р Џереми Лондон, кој и самиот преживеал срцев удар, предупреди на важен, но често занемарен знак што може да му претходи на инфаркт.

Станува збор за симптоми кои се појавуваат при вообичаени секојдневни активности, а кои повеќето луѓе ги припишуваат на замор или стареење, не сфаќајќи дека телото им испраќа сериозно предупредување.

Д-р Лондон, кој здравствени совети споделува на својот профил на „Instagram“ и на „TikTok“, на едноставен и разбирлив начин истакнува дека клучните сигнали не доаѓаат при екстремни напори, туку во секојдневни ситуации.


Мали напори, важни сигнали

„Не зборуваме за тренинг ниту за екстремни напори. Зборуваме за скали, носење кеси од пазарење, за оние мали работи што ги правиме секој ден без размислување“, објаснува лекарот. Токму во тие моменти може да се појави притисок во градите или чувство на недостиг на воздух.

„Не трае долго. Не ве соборува; само ве принудува да застанете. Луѓето го игнорираат тој знак, бидејќи телото како да ’застанува‘, не забележуваат дека очајно се обидува нешто да им каже“, толкува кардиологот.

Доколку овие симптоми се повторуваат, тоа е знак дека телото не го добива она што му е потребно. Кога е под оптоварување, срцето бара повеќе кислород, но ако крвните садови се затнати или стеснети, не може да го добие доволно. Телото тогаш реагира со краток застој, што е јасен предупредувачки сигнал.


Опасно прилагодување наместо лекување

Проблемот, истакнува д-р Лондон, е што повеќето луѓе го игнорираат овој сигнал или се прилагодуваат на него – почнуваат да користат лифт наместо скали, помалку пешачат и воопшто избегнуваат напор за да си „олеснат“. На тој начин се навикнуваат на состојба што не е нормална и го занемаруваат вистинскиот проблем.

Ретко се појавува само еден сигнал. Отоци на нозете, отежнато дишење во лежечка положба и замор што не поминува често се јавуваат заедно, но многумина ги припишуваат на стрес, години или начин на живот, сведувајќи сериозен проблем на нешто што „ќе помине само од себе“.

„Полесно е да се поверува дека не е ништо отколку да се отвори прашање што може да биде непријатно, но и спасоносно. Телото не испраќа повторени сигнали без причина, особено не во моменти кога се движите и го оптоварувате. Тоа не е минлива фаза ниту обичен замор, туку јасен знак што не треба да се потцени“, предупредува д-р Лондон.