Елмас одигра 15 минути против Милан, Конте го посочи како клучен играч во трагичниот дел од сезоната

Дерби

07/04/2026

10:18

264

Големина на фонт

а а а

Наполи го победи Милан во големото дерби и направи важен исчекор во клучен дел од сезоната, па во овој момент стана и тим кој е најблиску до првопласираниот Интер.

Актуелниот шампион се разигра во последно време и го користи фактот што нема европски натпревари, а тоа се поклопи и со враќање на неколку клучни фудбалери во тимот како Ангиса, Де Брујне и Лоботка.

Поголемиот избор му дава простор на Конте да ги ротира фудбалерите и да има посвежи играчи на располагање, нешто што не беше случај во голем дел од актуелниот дел од сезоната.

Вчера клучната разлика ја направи Политано кој влезе како „џокер“ од клупата, а шанса во завршниот дел од мечот доби и нашиот Елиф Елмас кој собра најголема минутажа во изминатите месеци.

– Второто место покажува каков карактер има овој тим. Секој друг тим ќе се распаднеше во ситуацијата во која бевме ние, ни недостасуваа огромен број играчи. Наместо да се распаднеме, решивме да се бориме. Тука пред се мислам на Елмас. Денеска одигра 15 минути, но тој беше клучен играч кога имавме многу отсуства. Истото важи и за Мацоки и Беукема. Сега кога сме втори, сакам да им го посветам ова место на момците кои истапија кога бевме во трагична спортска ситуација. Се можеше да заврши многу лошо, но се погриживме да останеме живи и да дојдеме до второто место. Со играчите кои се враќаат во тимот ќе бидеме уште посилни, – изјави Конте.