Средба во Собранието: Гаши со Петковски, Вељаноски и Митрески за дигитализацијата, етичкиот кодекс и високото образование

Макфакс

07/04/2026

19:23

156

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Африм Гаши одржа средба со досегашните претседатели на Собранието, Тито Петковски, Трајко Вељаноски и Јован Митрески.

Ова е вторa по ред ваква средба, организирана со цел размена на искуства и мислења. На почетокот на средбата претседателот Гаши се заблагодари за присуството, повторно искажа голема почит кон Собранието, според него една од најзначајните институции во државата.

Накратко сподели информации за активности што се одвиваат во Собранието, а што не се толку познато во јавноста. Имено, посочи на колективнiте договори на петте државни универзитети склучени декември 2025 година и на преговорите што се во тек за склучување на колективен договор со Македонската академија на науките и уметностите.

Гаши ги информира присутните за процесот на донесување на нов етички кодекс за пратениците, како и за процесот на дигитализација на целокупното работење на Собранието, што почна да се применува од 1 јануари оваа година. Укажа на значењето на дигитализацијата на видео записите од седниците на Собранието почнувајќи од првиот состав на Собранието по независноста на државата.

Целосната дигитализација на работењето на Собранието присутните го поздравија, имајќи го предвид неговото значење во градењето на државата, особено за седниците на Собранието за периодот од 1991 година до 2002 година, со оглед на тоа што за овој период видео записите ги има само МРТ.

Петковски го поздрави ваквиот однос и предложи во процесот да биде вклучен и Државниот архив, како институција основана за таа намена, а Вељаноски напомена дека Собранието мора да има одговорен однос кон зачувувањето на целокупниот материјал од седниците за неговото работење. Во прилог на ова претседателот Гаши и Митрески напоменаа дека Советот на Собранискиот канал, исто така во рамките на своите надлежности може даде свој придонес во овој процес.

Во однос на колективните договори на државните универзитети и на високото образование во целина, како еден од најзначајните сегменти на една држава присутните напоменаа дека Собранието мора да овозможи високо образовани што ќе продуцира квалитетен кадар потребен на државата во разни области: здравство, образование, стопанство, општествен дејности и слично. Целосните реформи во високото образование се предизвик на Собранието, за донесување квалитетен закон за високо образование, кој ќе биде во интерес и на професорите и на државата и ќе нуди одржливи решенија што нема да се менуваат зависно од промената на власта. Беше посочено дека треба многу да се внимава при колективното договарање за да се избегнат можностите од погрешно толкување и Собранието да биде вклучено во колективно договарање за институции за коишто не се однесува Законот за работните односи.

Беше посочено дека постојниот Етички кодекс скоро и да не се примени во пракса, па затоа донесување на нов етички кодекс се оцени како можност за зголемување на интегритетот на пратениците и на Собранието и за зајакнување на довербата на јавноста во функцијата пратеник.

На крајот од средбата претседателот Гаши повторно ја искажа идејата преку формирање на советодавно и консултативно тело да се обезбеди континуитет на институционалната меморија на Собранието, а се во функција на унапредувањето на парламентарната практика и демократијата. Ги замоли присутните да дадат свои видувања и напомена дека оваа идеја ќе ја сподели и со претседателите на Собранието што не се присутни на оваа средба.