Почина Душко Вујошевиќ

Точка

08/04/2026

13:20

604

Големина на фонт

а а а

Легендарниот кошаркарски тренер Душко Вујошевиќ почина оваа среда во Белград.

Веста за смртта на поранешниот тренер на Партизан, Црвена Звезда, ЦСКА, ОКК Белград, Бреша, Пистоја и Лимож, како и некогашен селектор на Србија и Црна Гора, прв селектор на Црна Гора, како и на Босна и Херцеговина, е потврдена за порталот „Nova.rs“.

Вујошевиќ имаше 67 години, а со години се соочуваше со здравствени проблеми предизвикани од дијабетес, па во 2025 година имаше и трансплантација на бубрег во Белорусија.

Во текот на март оваа година беше примен во болница откако неговата здравствена состојба сериозно се влоши, поради проблеми со срцето и белите дробови.

Беше познат по цврстата дисциплина, големиот авторитет на теренот и надвор од него, остриот поглед, но и јазик, што го правеше личност која луѓето или безрезервно ја сакаа или не.

Најголем белег остави во Партизан, каде што ја започна тренерската кариера во младинските категории во 1976 година, а со кој подоцна доминираше во првата деценија од овој век, како во домашните така и во регионалните натпреварувања, бележејќи и значајни резултати во Евролигата.

Во 2010 година ги предводеше „црно-белите“ до најголемиот успех на српската клупска кошарка во поновата историја, со пласман на „Фајнал-фор“ во елитното натпреварување.


Претходната сезона беше прогласен за најдобар тренер во Евролигата, кога со Партизан стигна до второто четвртфинале по ред и ја освои наградата „Александар Гомељски“.

Беше шампион на Југославија, Србија и АБА лигата, како и освојувач на ФИБА Купот Кораќ.

Последниот тренерски ангажман го имаше во 2021 година во романски Клуж.