Поради небезбедноста на Блискиот исток, британските туристи сè почесто ги менуваат плановите за годишен одмор. Тие се свртуваат кон побезбедни и проверени дестинации, но сè почесто размислуваат и за подалечни патувања.
Според податоците на британскиот „The Sun“ врз основа на анализата на страницата за споредба на цените „TravelSupermarket“, во првите денови од април бил забележен силен раст на пребарувањата на специфични дестинации.
Податоците за првите 25 денови на април покажуваат особено голем скок на интересот за италијанскиот остров Сардинија, за којшто пребарувањата пораснале за дури 236%. Во продолжение целосната листа на најпребарувани дестинации.
Сардинија – раст на пребарувањата од 236%
Овој италијански остров е идеална дестинација за љубителите на плажи со бел песок и тиркизно море.
Посетителите имаат разновиден избор, од скриени заливи помеѓу карпите до луксузни летувалишта на Коста Смералда и импресивни карпи на заливот Оросеи.
Мајорка – раст на пребарувањата од 168%
Омилената британска дестинација уште од почетокот на пакет-аранжманите која и понатаму не ја губи популарноста.
Од семејните летувалишта како Алкудија, Пуерто Поленесе и Кала Бона до помирни места за парови како Са Коме – островот нудi по нешто за секого.
Бодрум – раст на пребарувањата од 138%
Овој турски бисер нуди комбинација на пристапен луксуз, прекрасен егејски брег и богата историја. Брегот е полн со добро одржувани плажи и раздвижени крајбрежни места.
Црна Гора – раст на пребарувањата од 122%
Оваа мала балканска држава на брегот на Јадранот нуди многу нешта, од убави плажи до средновековни градови и планински предели.
Тоскана – раст на пребарувањата од 122%
Едно од најдобрите места за запознавање со тосканскиот начин на живот е посетата на главниот град Фиренца.
Ренесансната уметност, архитектурата и богатата гастрономска понуда го прават овој град посебна дестинација.
Сус – раст на пребарувањата од 102%
Одморот во Тунис, на брегот на Средоземното море гарантира сонце и уникатно искуство.
Овој историски град со традиција подолга од 3000 години се наоѓа покрај 10 км долгата песочна плажа Бу Џафар.
Доминиканска Република – раст на пребарувањата од 95%
Сè повеќе патници кои бараат сонце на далечните дестинации ги избираат Карибите, па не зачудува растот на популарноста на оваа земја позната по бели песочни плажи и бујни национални паркови.
Хрватска – раст на пребарувањата од 91%
Позната како земја на илјада острови, Хрватска ги привлекува туристите со чистото Јадранско море. Кон тоа придонесуваат и околу 2700 сончеви денови годишно, како и богатата историја на Дубровник.
Калифорнија – раст на пребарувањата од 90%
Со оглед на тоа што Светското првенство се одржува ова лето, западниот брег на САД бележи зголемен интерес, бидејќи некои од натпреварите се играат во Лос Анџелес и Сан Франциско.
Друга причина за посета е повторното отворање на автопатот 1 низ Биг Сур по години реновирање.
Света Луција – раст на пребарувањата од 86%
Овој карипски остров оддалечен со околу осумчасовен лет од Обединетото Кралство, нуди дождовни шуми, вулкански извори и долги песочни плажи.











