Ракот на дебелото црево сè почест кај помладите: Доктор предупредува на седум симптоми

Точка

09/04/2026

16:54

587

Големина на фонт

а а а

Сè повеќе лица помлади од 50 години заболуваат од рак на дебелото црево.

Додека напредокот во науката и технологијата доведува до намалување на бројот на заболени од некои други видови рак, кај ракот на цревата важи спротивното. Не е со сигурност познато што го предизвикува порастот на случаите, особено кај младите, но многу експерти сметаат дека значајна улога има исхраната богата со ултрапреработена храна. Со оглед на тоа што станува збор за еден од најчестите облици на рак, раното откривање е клучно за успешно лекување.


Сè повеќе заболени меѓу помладите

За порастот на бројот на случаи неодамна во емисијата „This Morning“ говореше д-р Амир Кан, истакнувајќи дека никој не е премлад за оваа дијагноза, пренесува „LADbible“.

„Ракот на цревата сè почесто се дијагностицира кај помлади луѓе ширум светот, особено во побогатите земји. Сметаме дека тоа е последица на низа фактори кои се наталожуваат во текот на животот, а сè започнува уште во детството“, изјави тој.

„Кај денешните генерации бележиме повеќе случаи отколку кај претходните. Причината е изложеноста на ултрапреработена храна, слатки пијалаци, прекумерна телесна тежина и седечки начин на живот“, додаде д-р Кан, пренесува „Index.hr“.

Тој објасни дека ваквите ризик-фактори „се наталожуваат со текот на времето“, што доведува до пораст на бројот на заболени, особено кај лица помлади од 50 години.


Превенцијата е клучна

Докторот дополнително ги појасни своите тврдења на „Instagram“. „Иако возраста останува најголем фактор на ризик за рак на цревата, бележиме пораст на бројот на млади на кои им се дијагностицира, особено во земји со висок и среден приход“, напиша тој.

„Никој никогаш не е виновен што добил рак, но британската организација „Cancer Research UK“ сугерира дека 54 проценти од случаите на рак на цревата може да се спречат. Тоа вклучува исхрана со цели намирници, особено растителна храна богата со влакна, намалување на внесот на алкохол, откажување од пушење, редовна физичка активност и одржување здрава телесна тежина“, порача тој.


Седум предупредувачки знаци

Секој што е загрижен за можен рак на цревата треба веднаш да се обрати кај својот лекар, особено ако забележи некои од симптомите или ако во семејството има историја на оваа болест. Вниманието на јавноста за важноста на раното откривање го насочија и познати личности, како водителката Мел Шилинг, која отворено зборуваше за својата борба.

Според организацијата „Cancer Research UK“, можни симптоми на рак на цревата се:

• крварење од анусот или крв во столицата

• промена на вообичаените навики за празнење на цревата, како помека столица, почесто празнење или запек

• грутка што лекарот може да ја напипа во пределот на анусот или стомакот

• чувство на притисок во анусот дури и по празнење

• ненамерно губење на телесна тежина

• болка во стомакот или анусот

• замор и недостиг на воздух предизвикани од анемија