Кинескиот BYD претстави нова генерација батерии која наводно носи повеќе од 1000 километри досег и полнење речиси со брзина на точење гориво.
Кога производител на електрични автомобили ќе вети повеќе од 1000 километри досег и полнење за неколку минути, тоа повеќе не звучи како еволуција — туку како обид за редефинирање на правилата на игра.
Токму тоа се обидува да го направи BYD со својата нова генерација батерии, наречена Blade Battery 2.0.
Според официјалните податоци, новата батерија овозможува:
• повеќе од 1000 км. досег (CLTC стандард)
• полнење од 10 до 70 проценти за пет минути
• полнење до дури 97 проценти за околу девет минути

Новата Blade Battery 2.0 доаѓа во две верзии – една за ултрабрзо полнење, друга за максимален досег. Побрзата варијанта овозможува полнење од 10 до 70 проценти за околу пет минути, додека другата цели на повеќе од 1000 километри досег (според CLTC).
Напредокот се темели на подобра внатрешна структура, помало загревање и поефикасно управување со енергијата. Еден од помалку истакнатите, но поважни детали е однесувањето на ниски температури. Blade 2.0 наводно може да се полни од 20 до 97 проценти за околу 12 минути дури и на -30°C.
Тоа можеби е поголем исчекор од самото „полнење за пет минути“, бидејќи студот денес претставува реален проблем за електричните автомобили во Европа.
Blade Battery 2.0 на хартија делува како голем напредок, но во пракса доаѓа со низа ограничувања. Најголемиот проблем е инфраструктурата — екстремно брзото полнење е можно само со полначи со моќност до 1500 kW, кои засега се реткост дури и на развиените пазари.

Тука се и веќе познатите „дупки“ во бројките. Декларираниот досег од повеќе од 1000 километри се темели на оптимистичкиот CLTC циклус, па реалните резултати во Европа речиси сигурно ќе бидат пониски. Истото важи и за брзината на полнење — најимпресивните вредности се постигнуваат во идеални услови, со оптимална температура и во ограничен опсег на батеријата.
На крај, останува и отворено прашањето за долговечноста. Иако BYD тврди дека деградацијата е под контрола, физиката е немилосрдна — честото полнење со висока моќност долгорочно може да остави последици. Со други зборови, технологијата без сомнение напредувала, но компромисите не исчезнале — само станале помалку видливи.