[ФОТО] Војска на улиците, градот празен: Исламабад под опсада пред историските преговори меѓу Америка и Иран

Макфакс

10/04/2026

09:57

1.657

Големина на фонт

а а а

Исламабад ги пречекува историските преговори меѓу Иран и Америка под највисоки безбедносни мерки. Додека светот стравува дали кревкото примирје ќе издржи нови тензии и судири во регионот, вниманието е насочено кон состанокот што би можел да ја одреди судбината на војната.

Војска на улиците, прогласен национален празник и морничаво празни приоди кон Исламабад ги обележуваат подготовките на пакистанската престолнина за историските разговори меѓу Иран и САД. Преговорите будат надеж за крај на војната што го опустоши Блискиот Исток и предизвика глобална криза.

Иако примирјето меѓу Соединетите Американски Држави и Иран изгледа сè покревко поради континуираното израелско бомбардирање на Либан и споровите околу условите на разговорите, пакистанските власти инсистираат дека клучниот мировен состанок овој викенд ќе се одржи според планот.


Во пресрет на првата рунда преговори, закажана за сабота, војници и паравоени единици се распоредени во Исламабад, а безбедноста е подигната на највисоко ниво. Четврток и петок се прогласени за државни празници, што ги остави улиците невообичаено празни.

Пакистанските власти не сакаа да откријат детали за организацијата на преговорите, повикувајќи се на безбедносни и дипломатски причини, но потврдија дека подготовките се во полн ек.

„Наш приоритет е да обезбедиме преговорите да поминат непречено“, изјави еден функционер вклучен во организацијата. „Не сакаме да се наметнуваме. Нашата улога е да посредуваме и да го олесниме договорот. Двете страни, Иран и САД, можат да им се обратат на медиумите кога и ако сакаат.“


Позадина на конфликтот

Конфликтот, кој започна со израелски и американски напади врз Иран кон крајот на февруари, однесе илјадници животи и предизвика глобална економска дестабилизација. Иранската блокада на Ормускиот теснец, клучна поморска рута, доведе до светски недостиг на нафта и гас и ја предизвика најтешката енергетска криза во историјата.

Дипломатските напори на Пакистан во вторникот навечер конечно доведоа до тоа двете завојувани страни да се согласат на двонеделно примирје, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека „целата цивилизација ќе умре“ ако Иран не ги исполни неговите барања.

Како дел од договорот, организиран е состанок во Исламабад за преговори за траен мир, што се смета за голема дипломатска победа на Пакистан.


Кревко примирје и спор околу Либан

Сепак, сериозни прашања се надвиснати над преговорите и самото примирје. Додека Иран и Пакистан објавија дека примирјето го опфаќа и Либан, САД и Израел инсистираат дека тоа е посебно прашање. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека какви било мировни преговори би биле „бесмислени“ ако се одржуваат додека бомбите и понатаму паѓаат врз Либан.

Според заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Саид Хатибзаде, Пакистан продолжува да посредува зад сцената за да го одржи мирот и да го заштити кревкото примирје. Хатибзаде тврди дека Пакистан го спречил Иран да возврати на нападите врз Либан.


Пристигнување на делегациите

Официјален претставник потврди дека пристигнувањето на клучните делегации се очекува во четврток навечер и петок наутро. Белата куќа соопшти дека потпретседателот Џ. Д. Венс ќе го предводи американскиот преговарачки тим, а специјалните пратеници Стив Виткоф и Џеред Кушнер исто така патуваат во Исламабад.

Од иранска страна, официјални лица изјавија дека во нивната делегација ќе бидат министерот за надворешни работи Абас Арагчи и претседателот на парламентот Мохамед Багер Галибаф, кои исто така учествуваа во преговорите за примирјето.

Се очекува присуство и на високи офицери на Иранската револуционерна гарда. Делегации од земјите од Заливот, вклучувајќи ги Катар и Саудиска Арабија, кои исто така беа цел на тешко иранско бомбардирање од почетокот на војната, исто така се очекува да пристигнат во Исламабад и да учествуваат во разговорите на маргините на главниот состанок.


Безбедносни мерки и локации

Поради високите безбедносни ризици, пакистанските власти потврдија дека се подготвуваат три до четири можни локации за клучниот состанок. Се очекува најистакнатите учесници да престојуваат во ексклузивниот хотел со пет ѕвезди „Serena“, кој би можел да биде и местото на одржување на разговорите.

Хотелот е целосно испразнет од гости, а патиштата во радиус од три километри се затворени за сообраќај и под контрола на војската. Други можни локации се канцеларијата на премиерот, конгресниот центар во Исламабад или безбедна воена локација. Официјалните лица велат дека нема конкретна временска рамка колку ќе траат преговорите, но на гостите кои во средата биле иселени од хотелот „Serena“ им било кажано дека тој ќе биде затворен до недела навечер.

На состанокот во четврток, премиерот Шехбаз Шариф и началникот на пакистанската армија Асим Мунир, кому му се припишува посредувањето за примирјето, „изразија задоволство од досегашната деескалација“.