Американската актерка со унгарско потекло Џејми Ли Кертис реагираше на резултатите од парламентарните избори во Унгарија со објава на социјалните мрежи.
Оскаровката уште во неделата навечер, според локално време во Калифорнија, сподели порака во која напиша: „Ништо не се менува додека нешто не се промени! Денес сум горда на своето унгарско потекло!“.
Кертис во својата Инстаграм приказна сподели и статија од американското списание „The Atlantic“, која истиот ден беше водечки текст на списанието и се занимаваше со изборите во Унгарија.

Кертис има унгарско потекло по таткова линија. Нејзиниот татко беше познатиот американски актер Тони Кертис, роден како Бернард Шварц. Неговите родители биле еврејски емигранти од тогашна Австро-Унгарија, односно од подрачјето на денешна Унгарија и Словачка.
Таткото на Тони Кертис, Емануел Шварц бил роден во местото Матесалка, во источна Унгарија, додека неговата мајка потекнувала од регион што денес ѝ припаѓа на Словачка. Семејството емигрирало во Соединетите Американски Држави на почетокот на 20 век.

Актерката повеќепати јавно го истакнувала своето средноевропско, вклучително и унгарско потекло, што повремено се одразува и во нејзините јавни настапи, особено кога станува збор за настани во Унгарија.






