Првиот член на новата линија „Coachbuild Collection“ има најголеми тркала некогаш вградени на еден „Rolls-Royce“ и е наменет за купувачи кои сакаат речиси уникатно возило во ограничена серија.
„Rolls-Royce“ го претстави „Project Nightingale“, нов ултралуксузен електричен кабриолет кој ќе биде произведен во само 100 примероци.
Моделот е прв член на новата линија „Coachbuild Collection“, наменета за купувачи кои бараат речиси уникатно возило во ограничена серија.

Новиот кабриолет ја користи механичката платформа на актуелниот електричен модел „Spectre“, што значи дека го придвижуваат два електромотора со најмалку 585 коњски сили и 900 Nm, а можно е и повеќе во финалната спецификација.
Она што го прави „Nightingale“ посебен е целосно новата каросерија без покрив, инспирирана од стиловите „Art Deco“ и „Streamline Moderne“ од 20-тите и 30-тите години на минатиот век.

Автомобилот е долг речиси колку „Phantom“, но е наменет исклучиво за две лица.
Посебен печат даваат и 24-инчните тркала, најголеми некогаш поставени на еден „Rolls-Royce“, како и целосно новите ултра-тенки предни светла за кои компанијата наведува дека речиси е невозможно сериски да се произведуваат.

Ентериерот очекувано е раскошен – седиштата се обложени со „Charles Blue“ кожа со бели и темносини детали, додека наместо прочуениот „Starlight“ плафон, овој модел добива „Starlight Breeze Suite“, со дури 10.500 светлосни точки распоредени во внатрешните панели на патничката кабина.
Цената официјално не е објавена, но се очекува да биде значително над еден милион долари, иако сепак нешто пониска од целосно уникатните „Rolls-Royce“ модели.
Веќе сега е јасно дека поголемиот дел од планираните 100 примероци е однапред резервиран.
















