По успешната обиколка на Месечината, астронаутката Кристина Кох беше пречекана од нејзиното куче. Емотивната снимка стана вирален хит и расплака многумина.
Четворица астронаути од мисијата „Artemis II“ се вратија минатиот петок на Земјата по успешната обиколка на Месечината, но посебниот пречек што ѝ беше приреден на астронаутката Кристина Кох привлече најмногу внимание. Емотивната снимка од нејзината повторна средба со кучето стана вирален хит и за само неколку дена собра повеќе од еден милион прегледи.
На снимката што Кох ја објави се гледа како нејзиното куче, женката Сејди, нетрпеливо гребе по вратата, а во моментот кога вратата се отвора, Кох веднаш клекнува на подот и ја повикува. Пресреќната Сејди почнува да трча во круг, не можејќи да се смири од возбуда, за на крај да зграпчи играчка. Втората снимка ги прикажува како заедно си играат и трчаат по брановите на плажата.
Емотивни реакции
Снимката предизвика бројни емотивни реакции. „Во истата недела да кружиш околу Месечината и да трчаш по плажа е неверојатно, воодушевена сум“, напиша една корисничка.
„Отпатуваш сè до Месечината, ја гледаш Земјата како ситна точка, а потоа се враќаш и си на плажа со своето куче. Тоа е огромна благодарност за животот“, прокоментира друг корисник.
„Плачев на толку снимки поврзани со оваа мисија, но некако оваа, на која се враќате дома кај своето куче, најмногу ме расплака“, стои во еден од коментарите.
Да потсетиме, екипажот на вселенското летало „Orion“, кој покрај Кох го сочинуваат и Рид Вајзмен, Виктор Гловер и Џереми Хансен, безбедно слета во Тихиот Океан кај брегот на Сан Диего во Калифорнија на 10 април.











