Клуб сместен во поранешна црква е нов хит во Амстердам, не поради својата локација, туку затоа што гостите таму избираат да бидат офлајн, далеку од своите телефони и други уреди.
Околу 200 учесници на двочасовната креативна сесија ги предаваат своите паметни телефони уште на влезот.
Офлајн клубот, кој започна со работа во 2024 година како иницијатива на тројца студенти од Амстердам, се разви во растечка мрежа на офлајн настани низ Европа.
Првично започнат како неформално собирање во кафуле, офлајн клубот сега организира настани во 18 градови.

Овој настан во Амстердам започнува со настап во живо на пијано од композиторката и пијанистка Сесил Шулте. Учесниците потоа се занимаваат со различни офлајн активности, вклучувајќи вежби за пишување, на пример, говор за нивниот идeн 80-ти роденден.
Ваквите настани обично нудат повеќе активности. Некои се фокусираат на индивидуални активности како читање, пишување или сложувалки, додека други се подруштвени и вклучуваат учество во друштвени игри или групни прошетки.
Целта е да се поттикнат луѓето да „забават и да размислат за себе и за својот живот“. Неколку учесници ја опишуваат привлечноста на настанот како одмор од дигиталните рутини.
„Во мене се разбуди малото внатрешно дете кое не сака да зјапа во екран и постојано да биде онлајн“, вели Бернард Капеле.
Растот на офлајн клубот одразува поширок тренд, особено меѓу помладите луѓе, да поминуваат помалку време на дигиталните платформи.

Овој тренд е видлив и на мрежите, каде корисниците на социјалните медиуми споделуваат планови како ќе намалат или ќе престанат со користење на социјалните медиуми во наредните години.
Многу апликации се осмислени така што ја одржуваат ангажираноста на корисниците преку кратки, повторувачки содржини, што дополнително може да им отежне на луѓето да се одвојат од телефоните.
„Тоа навистина функционира така што се стремат да ве задржат што е можно подолго на апликацијата преку некакви краткорочни награди или така што ќе ви всадат чувство дека нешто пропуштате кога не ја користите апликацијата“, истакнува Сурја Гајет, професор по експериментална психологија.
Иако офлајн дружењето трае само неколку часа, сите ќе заминат од таму релаксирани, затоа што со свои раце работеле нешто многу покреативно од скролање по екранот.

„Ме врати во време на поедноставен начин на постоење и во радостите што ги доживував како дете“, наведува консултантката Никола Клоерти.
Влезниците за сесијата во Амстердам чинат 29 и пол евра.
А дека офлајн трендот се шири меѓу младите говори и податокот дека клубот планира во текот на април да организира осум дополнителни настани во градот, вклучувајќи часови за читање, занаетчиски активности и други офлајн собирања.














