Пратеникот од Социјалдемократски сојуз на Македонија, Љупчо Николовски, соопшти дека пратеничката група поднела интерпелација за министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, поради, како што рече, „корупција, скандали и штетни политики“.
Николовски изјави дека „веќе две години земјоделците се жртви на неспособните и криминални политики на Министерството“, додавајќи дека наместо развојни мерки и зголемени субвенции, „Трипуновски го доведе земјоделството до колапс“.
Тој посочи дека се укинати или суспендирани бројни програми и мерки, а Министерството, според него, било претворено „во приватна фирма за партиски интереси“.
„Затоа пратеничката група на СДСМ поднесе интерпелација, да се изнесат сите факти и аргументи и да направиме сè овој министер да си замине“, рече Николовски.
Како главни причини за интерпелацијата ги наведе, како што рече, „сериозни и континуирани случаи на системска корупција, злоупотреба на службената положба и кршење на законите“.
Тој додаде дека блиски соработници на министерот, директори на институции во ресорот, биле фатени со мито од 50.000 и 100.000 евра, оценувајќи дека тоа е „јасен доказ за воспоставен систем на корупција“.
Николовски се осврна и на, како што рече, „мега-коруптивен скандал“ со европските фондови, при што, според него, 128 милиони евра од ИПАРД се суспендирани, а земјоделците немаат пристап до тие средства.
Тој наведе дека субвенциите се намалени, програмите за поддршка се укинати, а буџетот за земјоделство бил кратен, додека лимитот на субвенции за големи компании е зголемен.
„Резултатот е катастрофален. Земјоделците се оставени сами, а цените се под производствените трошоци“, изјави Николовски.
Од СДСМ најавија дека ќе бараат политичка, а потоа и кривична одговорност.
„Време е за одговорност и за правда“, порача Николовски.











