Дарио Ивановски забележа извонреден настап на 39-то издание на Белградскиот маратон и заврши како втор на делницата од 42 километри, покажувајќи дека полека се враќа во препознатливата олимписка форма која ја градеше за игрите во Париз.
Најдобриот македонски атлетичар на долги делници ја истрча патеката во Белград за време од 2 часа, 9 минути и 35 секунди, што всушност е негово второ најдобро лично време во кариерата.
Ивановски вчера победи голем број натпреварувачи од елитните африкански земји, па како единствен европски натпреварувач во првите десет, се најде и во фокусот на српската јавност.
Македонскиот атлетичар даде изјава за српските медиуми по освоеното второ место, а при обраќањето вети дека наредната година ќе атакува на највисокото скалило.
– Сакам да се заблагодарам на организаторот на Белградски маратон, мислам дека веќе 10 пати сум тука. Скопскиот и Белградскиот маратон градат една семејна врска со години, па затоа кога трчам тука, се чувствувам како да сум дома. Ќе ми беше голема чест да победам, но задоволен сум и со второто место. Ова е второ мое најдобро време, што на ваква стаза и во вакви услови е добар резултат.
– Можам да кажам дека сум вратен во онаа олимписка форма, после игрите во Париз се соочив со ситни повреди и не бев свој. Но, со овој настап си докажав на себе и на моите најблиски дека има прогрес во тоа што го раобтиме. Се надевам дека следната година ќе оствариме одлично време со кое ќе се гордее цел Балкан, цела наша Југославија и секако Македонија, – изјави Ивановски.







