Актерот и комичар Расел Бренд во неодамнешното гостување во емисијата „The Megyn Kelly Show“ призна дека спиел со 16-годишна девојка кога тој имал 30 години.
Иако истакнал дека возраста за согласност за сексуални односи во Велика Британија е 16 години, тој смета дека односот со толку помлада личност е „искористување“.
„Ти благодарам, Меган Кели, што ми даде можност да размислам за тоа, особено со оглед на твојот гнев, кој е сосема легитимен и разбирлив“, рекол Бренд.
„Факт е дека во Европа и во Велика Британија, од каде што доаѓам, возраста за согласност за секс е 16 години. Спиев со 16-годишничка кога имав 30 години, но тогаш бев сосема поинаква личност. Бев многу помлад и незрел 30-годишник“, додал тој.
Бренд продолжил: „Сексуалниот однос со согласност со различни луѓе, кога има изразена нерамнотежа на моќта – а таа постои кога сте познат маж со способност да привлекувате жени каква што имав во тоа време – го сметам за искористување. Мислам дека е искористување. Признавам дека моето сексуално однесување во минатото беше себично и дека не размислував доволно, всушност речиси воопшто, за тоа како тој секс влијаеше врз другите“.
Потсетуваме во април минатата година, Бренд беше обвинет за силување, непристоен напад и сексуален напад врз четири различни жени во наводни инциденти што се случиле помеѓу 1999 и 2005 година. Во декември истата година, тој беше обвинет за силување и сексуален напад во врска со две други жени за инциденти што наводно се случиле во 2009 година. Бренд се изјасни за невин по сите обвиненија.

Судењето на Бренд требаше да започне на 16 јуни во лондонскиот Крунски суд Саутерк, но минатиот месец беше одложено за 12 октомври.