Првите реакции за продолжението на „The Devil Wears Prada“ најавуваат голем хит: „Вредеше да се чека“

Точка

29/04/2026

15:14

307

Големина на фонт

а а а

Филмот „The Devil Wears Prada 2“ првпат беше прикажан пред претставници на медиумите во Соединетите Американски Држави, а раните реакции го опишуваат продолжението како шармантно, забавно и потенцијално голем кино хит.

Продолжението ја враќа Мерил Стрип во улогата на Миранда Пристли, моќната уредничка на моден магазин, како и Ен Хатавеј, Емили Блант и Стенли Тучи. Во проектот се враќаат и режисерот Дејвид Франкел и сценаристката Алин Брош Мекена, додека како нови членови на актерската екипа се приклучуваат Кенет Брана, Симон Ешли, Луси Лиу, Џастин Теру и Би Џеј Новак.

Меѓу првите критики доминираат пофалби. Новинарот Даниел Баптиста напиша дека станува збор за забавно и жестоко продолжение и додаде: „Делува познато на најдобар начин, навремено на вистински начин и вредеше да се чека“.

Уредничката на „Variety“, Џез Тангкеј, го оцени филмот како феноменален и наведе дека тоа е совршено продолжение кое ги надминало сите очекувања.

Уредникот на „Hollywood Reporter“, Алекс Верпин, го опиша филмот како остра медиумска пародија обвиена во висока мода, со оценка дека новинарите ќе се препознаат во многу сцени.

Повеќето реакции на социјалните мрежи истакнуваат дека филмот успешно ја балансира носталгијата и модернизацијата на приказната, а поединечни коментатори наведуваат дека би можел да стане еден од големите комерцијални успеси на сезоната.


Иако деталите за дејството сè уште не се целосно откриени, од трејлерот е познато дека Енди Сакс, која ја толкува Ен Хатавеј, се враќа во „Runway“ како уредничка. Оригиналот од 2006 година заработи 326 милиони долари ширум светот, а популарноста на филмот во меѓувреме дополнително порасна.

Мерил Стрип за „Harper's Bazaar“ изјави дека снимањето во Њујорк било хаотично поради големиот интерес на публиката и папараците: „Нѝ беа потребни полициски бариери и контрола на толпата. Доаѓаа автобуси со обожаватели, а папараците нè опседнуваа“.