Путин и Трамп разговарале час и половина: Москва предложила примирје за Денот на победата

Макфакс

29/04/2026

21:51

324

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со американскиот претседател, Доналд Трамп, за војната во Украина и состојбата на Блискиот Исток, соопшти помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.

Според него, Путин изразил подготвеност за привремено примирје во Украина по повод одбележувањето на Денот на победата, кој Русија го слави на 9 мај. Според рускиот претставник, Трамп ја поддржал таа иницијатива.

Разговорот, кој траел околу час и половина, бил фокусиран на војната во Украина, мировните напори, како и актуелното примирје меѓу САД и Иран.

Иако го отфрли целосното и безусловно примирје предложено од Киев, Путин и претходно неколкупати предлагал привремени и ограничени прекини на огнот за време на руската инвазија врз Украина. Украина тврди дека Русија повеќепати ги прекршила претходните примирја, наведувајќи повеќе од 400 прекршувања за време на наводниот прекин на огнот прогласен за православен Велигден.

Годинешната московска парада за Денот на победата, според најавите, првпат од 1945 година ќе се одржи без тенкови и друга тешка воена опрема. Руското Министерство за одбрана потврди дека одлуката е поврзана со „актуелната оперативна состојба“.

Во меѓувреме, засега не е планиран разговор меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но извор близок до кабинетот на украинскиот лидер за „Киев Индипендент“ изјавил дека тоа може брзо да се промени.

Според Ушаков, Трамп му рекол на Путин дека договорот за завршување на војната меѓу Русија и Украина е блиску, додека рускиот претседател одговорил дека руските сили продолжуваат да напредуваат и дека можат да извојуваат победа, иако Москва, како што рекол, „преферира тоа да го постигне преку преговори“.

Американските мировни напори засега остануваат во застој бидејќи Москва продолжува да инсистира на територијални барања што Киев ги отфрла, додека вниманието на Трамп во меѓувреме сè повеќе се насочува кон Блискиот Исток.