[ВИДЕО] Украинците ги објавија деталите од тајната операција: „Ја осакативме единицата на Рамзан Кадиров“ – упатен повик до чеченските борци да се предадат

Точка

01/05/2026

16:50

838

Големина на фонт

а а а

Украинската воено-разузнавачка служба (ХУР) објави дека во тајна операција во Сумската област тешко ја поразила единицата „Ахмат“ на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.

Се наведува дека единицата претрпела најтешки загуби од почетокот на руската инвазија, со 41 загинат, 87 ранети и повеќе од 100 исчезнати борци, стои во соопштението на украинската воена разузнавачка служба.

Операција изведена со помош на инсајдер

Според тврдењата на ХУР, операцијата траела од февруари до април оваа година. Во неа учествувале украинските специјални сили, борци на Слободна Ичкерија — чеченска група која се противи на руската власт — бригада на територијалната одбрана и разузнавачи кои соработувале со вметнат извор во руската единица.

Од ХУР појасниле дека уште на почетокот на минатата година воспоставиле контакт со припадник на „Ахмат“. Тој собирал чувствителни податоци во рамките на единицата и ѝ ги проследувал на украинската страна, а подоцна преминал на територија под контрола на Украина.

Агенцијата наведува дека инсајдерот помогнал во собирањето клучни разузнавачки податоци, вклучително и во поставување уреди за прислушување во сала за состаноци со помош на ФПВ-дрон.

Апти Алаудинов во прислушуваните разговори ги признал слабостите

Во пресретнатите снимки, командантот на „Ахмат“, Апти Алаудинов, зборувал за планираните операции во правец на Суми и признал сериозни проблеми во рамките на своите сили.

„И двајцата знаеме дека повеќето од нашите артилериски и тенковски посади не знаат ни како треба да пукаат“, се слуша како вели тој.

„Можеби знаат сè и сешто, но всушност не можат ништо да погодат“, нагласил тој.

Алаудинов додал дека на единицата и покрај годините борби, сè уште ѝ недостига борбена подготвеност.


„Четири години војна, а тие всушност не ни се бореле“, истакнал тој.

Во друга снимка ги критикува руските воздушно-десантни сили, нарекувајќи ги „губитници“ кои „никаде не војуваат“.

Исто така, разговарал за офанзивните тактики, предлагајќи руските сили да се фокусираат на напади врз едно населено место по едно, наместо да ги распрснуваат силите во повеќе правци истовремено.

Големи загуби и уништена опрема

Од ХУР наведуваат дека разузнавачките податоци собрани од агентот и преку прислушување им овозможиле на украинските сили да изведат прецизни удари врз позициите на „Ахмат“ додека биле во движење и на места за собирање.

Агенцијата тврди дека единицата за време на операцијата претрпела големи загуби: 41 загинат, 87 ранети и повеќе од 100 исчезнати. Уништена била и значителна количина опрема, вклучувајќи оклопни возила, дронови, комуникациски системи и складишта за гориво и муниција.

Овие бројки не беше можно независно да се проверат.


Повик до Чеченците да се предадат

Абдул Хаким, командант на чеченските доброволци кои во рамките на баталјонот „Шаманбат“ се борат на страната на Украина, ги повика Чеченците да не потпишуваат договори со руската војска.

Оние кои веќе се мобилизирани ги повика да ја контактираат украинската разузнавачка служба и да се предадат.

„Што ви згрешиле Украинците? Кого од вас убиле? Преминете на наша страна“, порача тој во видеопорака што ја сподели ХУР.