Политичка естрада се за министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, олеснувањата за државјаните на Србија кои ќе патуваат за Грција за кои викендов неколкумина политичари и дипломати известија дека се договараат. Муцунски уверува дека се преговара за олеснувања за влез во земјите членки на ЕУ со кои граничи регионот Западен Балкан, но тврди дека одговор се уште не добила ниту една земја.
„Би можел да потврдам само дека со повеќе земји членки на Европската Унија со кои граничи регионот на Западен Балкан имаме дискусии и очекуваме во летниот период кога ќе има поголема гужва да се преземаат соодветни мерки. Во овој момент официјално никој нема добиено одговор и затоа велам дека не може ништо да споделиме. Она што можеме да го споделиме е, прво – дека имаме разговори и на највисоко ниво и на технички и административни нивоа и исто така дека постои подготвеност од земјите членки на Европската Унија да се покаже флексибилност кон регионот. Сето друго што се читаше по медиумите, посебно викендов е политичка естрада“, вели министерот Муцунски.
Потсети дека Владата работи и на решавање на проблемот на транспортерите за кој се уште нема решение не само за нашите туку и за транспортерите во регионот, се работи и на други предмети со Европската Унија, но паралелно се работи на метежот на границите во летниот период.
„Големо внимание посветуваме за летниот период да има што е можно помалку метеж, но сакам да нагласам дека резултатот не зависи од нас, како Влада, туку зависи од подготвеноста на земјите членки на Европската Унија да покажат таква флексибилност“, рече министерот Муцунски.
Српските медиуми викендов јавија дека од први јуни до први септември системот за биометриски проверки ќе биде суспендиран или значително ограничен за српските граѓани за да се избегнат километарските колони на копнените граници.







