Бен Афлек призна дека има вистина во сè почестото тврдење дека Холивуд умира, и покрај тоа што и самиот е вклучен во низа претстојни проекти.
Актерот, гостувајќи во поткастот „All the Smoke“, ја коментираше идејата дека Холивуд би можел да се соочи со сопствен пропаст, откако водителите Мат Барнс и Стивен Џексон го прашаа: „Што им велите на луѓето кои тврдат: ’Холивуд е мртов, премногу е скапо да се снимаат филмови?‘“.
Со оглед на милионите долари што филмовите ги заработуваат секоја година, тешко е да се замисли дека токму парите би можеле да бидат причина за целосен пад на Холивуд, но Афлек всушност призна дека во тоа има дел од вистината.

„Почнав во оваа индустрија со многу филмови со многу мал буџет, како 250.000 или еден милион долари, што тогаш ми изгледаше како многу пари. Мора да добиете еден милион долари од некого, а не би требало тоа да биде толку висока почетна точка. Мислам дека треба да постои ниво каде што можете да дојдете и да направите нешто што не се обидува да биде голем комерцијален филм, туку да преземе одреден ризик, да направи интересни работи кои сепак можат да вклучат професионалци. Би сакал тоа да е возможно“, откри актерот.
Афлек дополнително истакна дека постојат луѓе кои сакаат да работат во филмската индустрија, но дека снимањето во Калифорнија може да чини повеќе во споредба со други региони кои нудат даночни олеснувања и попусти за вакви проекти.

Кога беше прашан колку пари се потребни за снимање филм што ќе се прикажува во кино, Афлек одговори дека тоа е приближно 25 милиони долари, и дека тоа е само почеток.
„Навистина варира, но како што ќе ви кажат луѓето денес, многу е тешко да се сними филм за помалку од 25 милиони долари. А цената може многу брзо да порасне штом вклучите голема каскадерска екипа, акциони сцени или визуелни ефекти.“

Со дополнителни 25 милиони долари за маркетинг, филмовите лесно можат да значат инвестиција од околу 50 милиони долари.
Сепак, и покрај овие факти, очигледно е дека интересот за филмската индустрија и понатаму е голем, што го потврдува и самиот Афлек, кој, според „IMDb“, е наведен како продуцент на девет претстојни проекти, а покрај тоа има и неколку актерски улоги.







