[ФОТО/ВИДЕО] Каква е пораката на израелскиот министер за безбедност? Тортата со бесилка на роденденот на Бен Гвир предизвика осуди во јавноста

Точка

04/05/2026

20:10

262

Големина на фонт

а а а

Прославата на 50-тиот роденден на израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, предизвика остри реакции во јавноста, откако беа објавени снимки на кои неговата сопруга носи торта со симбол на бесилка, што беше протолкувано како алузија на законот за смртна казна за палестинските затвореници.

Прославата се одржа во саботата во близина на Ашдод, во присуство на повеќе функционери од полицијата и израелската затворска служба, како и активисти од крајната десница.

На тортата, како што пренесе Ал Џезира, било испишано: „Среќно, министре, понекогаш соништата се остваруваат“, што предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.


Учесниците на прославата го забележале и телефонскиот повик од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој му го честитал роденденот на Бен Гвир.

Снимките од настанот предизвикаа бран негодување на социјалните мрежи, каде што бројни корисници оцениле дека станува збор за загрижувачки пораст на говорот на насилство и екстремизам, со тврдења дека со тоа се слави злосторство и се кршат основните хуманистички вредности.

На социјалните мрежи се наведува дека тортата со симбол на бесилка претставува славење на идејата за смртна казна и нејзино поврзување со барањата за построги казни кон затворениците, што некои корисници го опишаа како „шокантно и без преседан“.

Според наводите на организациите за заштита на човековите права, кршењата на правата во затворите добиле институционален карактер со политичка поддршка од актуелната власт, а Бен Гвир, кој е надлежен за затворскиот систем, се обвинува и за лично учество во малтретирање на затвореници, за што, како што се тврди и самиот објавувал содржини на социјалните мрежи.

Израелскиот парламент кон крајот на март усвои закон со кој се воведува смртна казна за Палестинци осудени за убиство на Израелци од национални мотиви, додека организациите за човекови права остро ја осудија мерката како дискриминаторска и драконска.


Со законот, како што пренесе АП, се воведува смртна казна со бесење како стандардна казна за Палестинците од Западниот Брег осудени за убиства од национални мотиви.

За време на гласањето, на седницата присуствувал и Нетанјаху, кој лично гласал за законот.

Министерот за национална безбедност на Израел, Бен Гвир, кој ја предводел иницијативата, го поздравил усвојувањето на законот, оценувајќи го како доказ за силата на државата.