Соединетите Американски Држави го пренасочуваат оружјето поради војната во Иран, предупредувајќи ја Европа и Украина за доцнења, додека Пентагон го зајакнува својот фокус на Блискиот Исток и Индо-пацифичкиот регион, велат извори, пренесуваат светските агенции.
Том Рајт, поранешен функционер на администрацијата на претседателот Џо Бајден, изјави дека Пентагон можеби ќе мора да води војна на Блискиот Исток долго време, но исто така дека мора да го зајакне одвраќањето во Индо-пацифичкиот регион.
Поради големите трошоци во последните два месеци во Иран, американската војска веќе беше принудена да премести оружје од други региони за да го надомести недостигот. Додека САД се борат да ги надополнат залихите исцрпени од војната во Иран, Вашингтон ги предупреди европските сојузници – Обединетото Кралство, Полска, Литванија и Естонија – да очекуваат значителни доцнења во испораките на оружје од САД.
„Фајненшл тајмс“ наведува дека девет лица запознаени со ситуацијата потврдиле дека Пентагон им кажал на тие земји да очекуваат сериозни доцнења за неколку ракетни системи. Исто така, две лица рекле дека се зборувало и за одложување на испораките во Азија.
Доцнењата се лоши вести и за Украина. Загриженоста за американската поддршка за земјата е веќе голема по повеќе од четири години војна со Русија. Пентагон соопшти дека внимателно ги оценува новите барања за опрема од партнерите, како и постојните трансфери на оружје, за да се обезбеди усогласеност со оперативните потреби. Тој одби да даде детали, наведувајќи ја „оперативно чувствителната природа на овие прашања“.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп неодамна ги критикуваше европските сојузници, извори за „Фајненшл тајмс“ изјавија дека одложувањата не се наменети за казнување на Европа, туку одразуваат загриженост на САД за снабдувањето. Том Рајт изјави дека Пентагон можеби ќе мора да води војна на Блискиот Исток долго време, но исто така дека мора да го зајакне одвраќањето во Индо-пацифичкиот регион.
„Тој е повеќе од подготвен да ја остави Европа на цедило за да го постигне ова. Европа мора да ја обнови својата одбранбена индустриска база со молскавична брзина“, рече тој.
На почетокот на април, Трамп изјави за „Телеграф“ дека сериозно размислува за повлекување од НАТО, откако алијансата не се придружи на неговата војна против Иран. Сојузниците го отфрлија неговото барање да испратат воени бродови за повторно отворање на Ормускиот теснец, низ кој минуваат 20 проценти од светската нафта, пишуваат медиумите.











