Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави фотографија на својата социјална мрежа на која Џером Пауел, шефот на Федералните резерви (централна банка на САД), паѓа во контејнер за ѓубре.
Сликата прикажува човек кој има огромна сличност со Пауел додека паѓа во ѓубрето, што е само продолжение на навредите на Трамп кон човекот кого јавно го оцрнува веќе една година. Белата куќа ја објави истата слика и на својот официјален Икс профил.
„Премногу доцна“ е катастрофа за Америка! Каматните стапки се превисоки!“ напиша Трамп во објава на платформата Truth Social.
TOO LATE POWELL. pic.twitter.com/OUp4LZXSCv
— The White House (@WhiteHouse) May 4, 2026
Федералните резерви сè уште не одговориле на барањето за коментар за оваа изјава.
Претседателот веќе некое време се заканува дека ќе го отпушти Пауел. Тој редовно го исмева и навредува затоа што одбива да ги намали каматните стапки до нивото што го бара Трамп.
Трамп често повикува на намалување на стапките без многу објаснувања, но во декември изјави за „Волстрит џурнал“ дека тоа би помогнало да се намалат трошоците за сервисирање на националниот долг, кој достигна 38 трилиони долари. „Треба да имаме најниска стапка во светот“, рече претседателот.







