Многу луѓе кои користат микробранова печка забележуваат дека по вадењето од уредот тешко можат да ја држат чинијата во раце, додека храната не е рамномерно загреана.
Тоа е вообичаена ситуација што произлегува од неправилен распоред на храната на чинијата или од несоодветно поставување на времето и јачината на загревањето. Експертите нагласуваат дека клучно не е само правилното поставување на параметрите, туку и начинот на кој е распоредена храната.
Микробрановата печка функционира на принцип на загревање на молекулите на водата во храната. Ако јадењето е наредено во премногу дебел слој или е натрупано на едно место, микробрановите не допираат рамномерно до сите делови.

Како последица, дел од храната останува ладен, додека чинијата, која ја апсорбира енергијата, се загрева значително повеќе од самото јадење. Според мислењето на експертите, за да се избегне овој проблем, храната треба да се распореди на чинијата во тенок слој и ако е можно, да се промеша на половина од времето за подгревање.
Како правилно да ја користите микробрановата?
Правилната употреба на микробрановата овозможува не само рамномерно подгревање на јадењето, туку и заштеда на енергија и време. Експертите препорачуваат пред ставање на чинијата во уредот, храната рамномерно да се распореди, најдобро во форма на прстен, така што средината да остане празна. Благодарение на тоа, микробрановите подобро ја распределуваат топлината, а целото јадење достигнува соодветна температура.

Исто така експертите советуваат и јадењето да не се прекрива со фолија или обичен капак, бидејќи тоа може да ја отежни циркулацијата на топлината. Наместо тоа, подобро е да се користат посебни капаци наменети за микробранови печки, кои спречуваат прскање на храната, а истовремено овозможуваат слободен проток на пареа.








