Фијаско какво што не се памети: Најавија голема турнеја, па откажаа сè бидејќи не можат да продадат билети!

Точка

06/05/2026

18:39

1.193

Големина на фонт

а а а

Не поминаа ниту два месеци откако женската поп-група „Пусикет долс“ најави големо враќање со нов сингл и турнеја, а сега веќе откажа голем дел од настапите.

Поради слабата продажба на билети, како што пишува Би-би-си групата која доминираше во 2000-тите мораше да го откаже речиси целиот американски дел од претстојната турнеја.

Никол Шерцингер, Ешли Робертс и Кимберли Вајат се вратија како трио во средината на март. Дека ги откажуваат датумите во Северна Америка, соопштија на социјалните мрежи, наведувајќи дека „искрено го преиспитале“ северноамериканскиот дел од турнејата, по што донеле „тешка и срцепарателна одлука“ да ги откажат сите концерти освен еден. Европските датуми, сепак, ќе ги одржат според планот бидејќи, како што велат, повеќето концерти се „веќе распродадени“.


„Кога ја најавивме турнејата PCD FOREVER, се надевавме дека шоуто ќе им го претставиме на обожавателите низ целиот свет“, напишаа тие, додавајќи дека единствениот концерт што останува во САД е настапот на „WeHo Pride“ во Лос Анџелес на 6 јуни.

„Не можеме да замислиме поосмислено место за прослава со нашите обожаватели. ЛГБТК+ заедницата ни покажа толку многу љубов и поддршка во текот на нашата кариера и почестени сме што сме дел од викенд вкоренет во радост, гордост, музика и избрано семејство“, продолжија тие.

Групата планираше во јуни, јули и август да има вкупно 33 настапи во САД и Канада.

„Вложуваме сè во тоа ова шоу да биде вистинска прослава на музиката и спомените, за обожавателите кои се со нас од почетокот и за оние кои првпат нè откриваат. Напорно работиме за да создадеме концерти за какви што отсекогаш сме сонувале да ви донесеме. Едвај чекаме ова обединување да го донесеме во Европа и овие ноќи да ги направиме незаборавни“, заклучија тие.


Европските датуми ќе почнат во септември во Копенхаген.

Но тие не се првите што откажале или одложиле концерти во САД; во последните месеци тоа го направија и на пример, Пост Мелоун и Меган Тејнор. Обожавателите, пак, во последните неколку недели веќе го претпоставуваа ваквиот исход, откако можеше да се види дека во салите има голем број непродадени места. Исто така се смета дека високите цени на билетите, како и одлуката турнејата во САД да се одржува во големи арени наместо во театри, придонеле за слабите резултати.


Враќањето на групата доаѓа шест години откако претходно планираното обединување пропадна поради Ковид-19 пандемијата и правен спор. Вајат за „Би-би-си Њуз“ изјавила дека повторното обединување е „неверојатна работа што може да се направи по 20 години“, додека Шерцингер рекла дека „тајмингот на сè бил едноставно совршен“.