Најлошите пијалаци за нивото на шеќер во крвта

Точка

06/05/2026

21:06

1.342

Големина на фонт

а а а

На нивото на шеќер во крвта влијаат бројни фактори, од физичката активност и лековите до исхраната, но она што го пиете има особено важна улога. Засладените пијалаци, како газираните и енергетските пијалаци, како и засладените кафиња и чаеви, можат значително да ја нарушат рамнотежата на шеќерот во крвта. Експертите се согласуваат дека токму ваквите пијалаци се првото нешто што треба да се ограничи доколку имате покачен шеќер или дијабетес, пишува „EatingWell“.

Зошто засладените пијалаци се проблем?

Постојат неколку клучни причини поради кои експертите советуваат претпазливост. Проблемот не е само во количината на шеќер, туку и во тоа што им недостасува на овие пијалаци.

Брза апсорпција без хранливи материи

„Повеќето засладени пијалаци не содржат влакна, протеини ниту масти, а токму тие хранливи материи помагаат да се забави апсорпцијата на глукозата во крвотокот“, објаснува диететичарката Британи Полсон.

„Без нив, шеќерот многу брзо се апсорбира, што доведува до нагли скокови на шеќерот во крвта, по кои често следуваат и нагли падови.“ Ваквите осцилации можат да предизвикаат пад на енергијата и зголемено чувство на глад.


Ризик за здравјето на срцето

Кај лицата со дијабетес, храната и пијалаците кои често го покачуваат шеќерот во крвта можат да го зголемат и ризикот од срцеви заболувања.

„Честото покачување на шеќерот во крвта поради редовна консумација на вакви пијалаци со текот на времето може да ги оптовари крвните садови и негативно да влијае врз здравјето на срцето“, вели диететичарката Шила Патерсон.


Празни калории и дебелеење

Навиката за пиење засладени пијалаци може да изгледа безопасно, но калориите брзо се наталожуваат.

„Еден ваков пијалак може да содржи исто калории колку и помал оброк, но без хранливите материи кои создаваат чувство на ситост“, истакнува медицинската сестра Тони Изабела.

Течните калории често не заситуваат како цврстата храна.

„Можете да внесете стотици калории, а и понатаму да чувствувате глад“, додава таа.

Редовната консумација на вакви пијалаци може да доведе до дебелеење, што дополнително ја влошува инсулинската резистенција и ја отежнува контролата на шеќерот во крвта.

Кофеинот како дополнителен проблем

Многу засладени пијалаци, како ладното кафе или слатките чаеви, содржат и кофеин. Иако не влијае еднакво кај сите луѓе, кај некои може да има неповолен ефект.

„Кофеинот може да влијае врз хормоните и да ја зголеми инсулинската резистенција, што може да го покачи нивото на шеќер во крвта“, објаснува Патерсон.

Во комбинација со шеќерот, ефектот може да биде уште поизразен.

„Заедно можат да предизвикаат поголеми осцилации на шеќерот во крвта и да ја отежнат неговата контрола“, додава Полсон.


Што да изберете наместо засладени пијалаци?

Наместо засладени пијалаци, се препорачуваат вода и пијалаци без додаден шеќер. Добар избор се минералната вода, незасладените билни чаеви и, доколку немате проблем со кофеинот, незасладеното кафе.

Важно е да се насочите кон урамнотежена исхрана со повеќе интегрални и минимално преработени намирници, како зеленчук, немасни протеини, интегрални житарки и здрави масти. Исто така, се препорачува ограничување на преработената и пржената храна.

Редовната физичка активност помага во регулирање на шеќерот во крвта и телесната тежина, а воедно го намалува ризикот од срцеви заболувања. Се препорачуваат најмалку 150 минути активност неделно, но и пократките секојдневни прошетки можат да бидат добар почеток.

На нивото на шеќер во крвта влијаат и други фактори, како недостатокот на сон, прескокнувањето оброци и дехидрацијата, па затоа е важно да се гледа пошироката слика.