Орангутан е снимен како користи мост од јаже за да премине пат во округот Пакпак Барат, во Северна Суматра во Индонезија, на големо воодушевување на чуварите на природата.
Млад мажјак суматрански орангутан го искористил мостот за да премине во ново подрачје на прашумата, што на чуварите на природата им влеало надеж за опстанокот на орангутаните во тоа подрачје, пренесе „Science Focus“.
„Овие мостови меѓу крошните покажуваат дека развојот на инфраструктурата и дивиот свет не мора да бидат во судир“, изјавила Хелен Бакланд, извршна директорка на Друштвото за заштита на суматранските орангутани (СОС). „Понекогаш наједноставните решенија се и најефикасни“, рекла таа.
СОС во 2024 година, заедно со локалниот партнер, фондацијата „Tangguh Hutan Khatulistiwa“ (TaHuKah), ја почнале изградбата на мостови меѓу крошните по проширувањето на патот Лаган-Пагиндар. Тој пат ги поврзал луѓето од руралните заедници со клучни услуги, како болници и училишта.
Меѓутоа, кога патот бил проширен во 2023 година, се создала празнина меѓу крошните што орангутаните и другите животни повеќе не можеле да ја преминат.
За 350-те орангутани во тоа подрачје тоа значело дека популацијата е поделена на две групи — една во резерватот Сирангас, а другата во заштитената шума Сикулапинг.
Заробени на овие „шумски острови“, групите орангутани повеќе не можеле да се мешаат, со што и онака загрозениот вид бил дополнително доведен во опасност од опаѓање поради парење во сродство.
Меѓутоа, сега оваа снимка покажа дека мостовите меѓу крошните можат да бидат ефикасно решение за групите орангутани што патиштата ги раздвоиле.

Други видови примати претходно биле забележани како ги користат премините, вклучувајќи гибони, лангури и макаки, но не и орангутани — сè до сега.
Гибон користи мост
„Две години го набљудувавме и го чекавме овој момент“, изјавила Бакланд. „Да се види овој млад мажјак орангутан како самоуверено го преминува патот користејќи мост меѓу крошните претставува огромен чекор за заштитата на природата — доказ дека е можно повторно да се поврзе овој фрагментиран пејзаж“, додала таа.
Овој мост бил еден од петте премини поставени меѓу крошните, високо над патот Лаган-Пагиндар, со употреба на 200 метри јаже.
Но 750 орангутани во Западна Тоба и понатаму се заробени поради патиштата во мали шумски подрачја.

Ервин Аламсјах Сирегар, извршен директор на фондацијата „TaHuKah“, изјавил дека се надева оти проектот со мостови меѓу крошните ќе биде повторен и на други места.
„Заедно покажавме дека инфраструктурата и биодиверзитетот не се меѓусебно исклучиви. Постојат начини да се напредува, а притоа да се заштити нашата природна средина“, рекол тој.
Суматранскиот орангутан е критично загрозен вид, а во дивината останале само околу 14.000 единки. Тој е еден од трите вида орангутани, а сите живеат во Југоисточна Азија.
„Ова подрачје во Северна Суматра претставува глобален приоритет за заштита на природата“, нагласила Бакланд. „Исчезнувањето на дивите орангутани би можело да има верижни последици за целиот екосистем, вклучително и за природните ресурси од кои зависат локалните заедници“, заклучила таа.















