СДСМ предложи 10 итни мерки за побезбедни училишта

Макфакс

15/05/2026

14:40

145

Големина на фонт

а а а

СДСМ предложи десет итни мерки за подобрување на безбедноста во училиштата и ученичките домови, како реакција на зачестените инциденти на булинг, физичко насилство и закани со оружје, нагласувајќи ја потребата од координиран пристап и системски решенија во образовниот систем.

Секојдневно сме сведоци на булинг, физички пресметки, закани и инциденти со ладно оружје во училиштата и ученичките домови. Ова е јасен сигнал дека системот потфрла, и уште колку инциденти треба да се случат во училиштата за Министерството за образование конечно да признае дека состојбата е алармантна? Кој ќе понесе одговорност?, праша Јованче Манасков, претседател на Комисијата за образование и наука, на денешната прес-конференција.

„Кога тендерите и финансиските интереси стануваат приоритет, а законите и заштитата на учениците се ставаат во втор план, тогаш се случува токму тоа што го гледаме денес – децата се занемарени, без заштита, додека наставниците и професорите се оставени сами да се справуваат со една системска неспособност.“ додаде тој.

Манасков потенцираше дека очигледно е дека институциите немаат координација ниту план за реакција, државата нема стратегија за превенција и за системска реакција. За жал, рече тој, цената ја плаќаат учениците, а институциите ја изгубиле во целост контролата врз состојбата во образованието.

„Поради институционален неуспех, СДСМ предлага 10 итни мерки за побезбедни училишта и ученички домови:

1. Итно воведување унифициран безбедносен протокол во сите основни и средни училишта.


Јасни процедури за постапување при булинг, физичко насилство, закани и внесување оружје.

2. Итно вработување психолози и педагози таму каде што со години недостига стручен кадар.


Државата не може да зборува за безбедност, а училиштата да останат без стручни служби. Минимум еден психолог на 300 ученици и задолжителна психолошка служба во ученичките домови.

3. Формирање училишни тимови за превенција на насилство.


Тимови составени од психолог, педагог, наставници и претставници на родители со обврска за брза реакција.

4. Национална анти-булинг програма.


Редовни работилници и едукации за ученици, родители и наставници за препознавање и спречување на булинг.

5. Засилена соработка помеѓу училиштата, МВР и центрите за социјална работа.


Институциите да не реагираат дури откако трагедијата ќе стане вест, туку превентивно и координирано.

6. Воведување анонимна линија и дигитална платформа за пријавување насилство.


Учениците без страв да можат да пријават булинг, закани или опасно однесување.

7. Поголема безбедност во училиштата и ученичките домови со засилени контроли, подобар надзор и редовни превентивни проверки околу училиштата.


8. Обврзувачки програми за ментално здравје кај младите, со поголем фокус на емоционална поддршка, стрес, анксиозност и меѓуврснички односи.


9. Построга одговорност за институциите што не реагираат навремено со законска обврска за постапување по секоја пријава во рок од 24 часа.

Да се утврди одговорност кај раководства и институции кои игнорирале пријави или пропуштиле да постапат. Игнорирањето на насилството создава уште поголемо насилство, а институционалната бавност создава чувство дека насилството е дозволено.

10. Формирање национален кризен штаб за безбедност во образованието“, рече Манасков.