За стотици илјади луѓе ширум Европа викендот не е резервиран за одмор. Според најновите податоци на „Евростат“, повеќе од една петина од вработените во Европа (околу 21,3%) редовно работат за време на викенди.
Најголем процент на вработените кои работат за време на викенди е забележан во балканските и медитеранските земји. Предводи Грција, каде што дури 41 отсто од вработените и самовработените работат за време на викенди. Следуваат Босна и Херцеговина со 33%, како и Малта, Кипар и Македонија со 32%, пишува „Euronews“.
Од друга страна, северот и истокот на Европа има значително пониски стапки на работење за време на викендите. Во Литванија за викенд работат само 4 отсто од вработените, додека тој процент во Унгарија изнесува 7, а во Полска 7,5 отсто.

Очекувано, сопствениците на фирми и самовработените многу поретко имаат слободни викенди во споредба со класично вработените работници. Дури 46 отсто од претприемачите и работодавачите работат за време на викенд, додека меѓу вработените тој процент изнесува 18,5 отсто.
Кога станува збор за работниците, Грција, Кипар и Македонија повторно се на врвот на листата, со повеќе од 30 отсто од работниците кои работат во сабота и недела. Зад нив се Швајцарија и Малта со околу 29 отсто.
Кај самовработените ситуацијата е уште поизразена. Во Грција дури 75 отсто од претприемачите работат за време на викенди, додека висок процент бележат и Белгија со 66 отсто и Франција со 60 отсто.
Работата за викенд нужно не значи и поголем број на работни часови, но податоците за Грција потврдуваат дека нејзините граѓани генерално работат повеќе од просекот на Европската унија.

За време на викендите најмногу работат вработените во услужниот сектор и продажба, речиси половина од нив, односно 47,6 отсто. Слично е и кај земјоделството, шумарството и рибарството каде за викенд работат 47, 2 отсто од вработените. Работењето за време на викенди е карактеристично и за физички и рутински работи кои бараат поголем физички напор.
Додека еден дел од Европа и понатаму работи без пауза, некои земји експериментираат со пократка работна недела. Најновиот пример е Полска, која за време на минатото лето започна пилот-проект на намалување на работната недела од 39 на 35 часови без намалување на платите.
Вработените имале можност да одберат помеѓу три модели, шест часа работа на ден, тридневен викенд или дополнителни денови одмор. Проектот опфатил 90 јавни и приватни компании и околу 5.000 вработени, а резултатите ќе бидат анализирани во 2027 година.
Слични тестови на четиридневна работна недела претходно спроведуваа и Велика Британија, Германија, Португалија, Исланд, Франција и Шпанија.