Режисерското деби на холивудската ѕвезда Џон Траволта, филмот „Propeller One-Way Night Coach“, доживеа премиера во Кан, а критичарите веќе го прогласија за „катастрофа“. Ова е пример за тоа што се случува кога славните актери ќе застанат зад камерата, пишува „Би-би-си“.
На Филмскиот фестивал во Кан во саботата навечер, организаторот на фестивалот, Тјери Фремо, ја претстави проекцијата на новиот филм на Џон Траволта, негово прво режисерско остварување.
„Имам една теорија за филмовите направени од актери. Тие се секогаш интимни, уникатни, лични и полни со филмски идеи“, рече Фремо.
Па, можеби. Но, дали е ова само љубезен начин да се каже дека тие филмови всушност не ги бидува? Рецензиите за филмот на Траволта се, во најмала рака, поделени, a еден критичар веќе го нарече „катастрофа“.
Дали е случајност што филмовите режирани од етаблирани актери често се прикажуваат на престижни фестивали како Кан, а потоа речиси никогаш повеќе не се појавуваат никаде?
Секако, во историјата на кинематографијата постојат актери кои станале некои од најуспешните режисери, од Чарли Чаплин и Клинт Иствуд, па сè до денешните фаворити како Грета Гервиг и Џордан Пил. Но, тука станува збор за поинаков феномен. Постојат одредени актери кои достигнуваат такво ниво на слава што можат лесно да добијат финансии за своите необични, пасионирани проекти, или, ако заглават, можат и самите да ги финансираат.
Класичен пример за ова е филмот „Lost River“ на Рајан Гослинг од 2014 година, обид за надреализам во стилот на Дејвид Линч, кој имаше премиера во Кан. Иако некои ја почитуваа неговата необичност, на малкумина им се допадна, па Гослинг никогаш повеќе не режираше.
Новиот филм на Траволта спаѓа токму во таа категорија. Тој е холивудска ѕвезда веќе 50 години, па фактот што чекал до сега, на 72-годишна возраст, за да режира, сугерира дека тоа и не му било некоја огромна животна желба. Времетраењето е само 61 минута, а тој го користи сопствениот глас како постојан наратор за да го опише она што се случува, наместо да развие вистински драматични сцени.
Се чини дека фестивалите едноставно не можат да им одолеат на ваквите филмови, без разлика колку се тие егоцентрични. На крајот, сите се победници … иако почесната „Златна палма“ веројатно ќе биде единствената награда што Траволта ќе ја освои во скоро време.
Филмот „Propeller One-Way Night Coach“ ќе биде објавен глобално на платформата „Епл ТВ“ на 29 мај.









