Славниот Русин заработи милијарди, постојано ги покажува стомачните мускули и има повеќе од 100 деца: На сите ќе им ги остави своите пари, но под еден услов

Супермен

26/05/2026

09:26

553

Големина на фонт

а а а

Милијардерот и основач на апликацијата за допишување „Telegram“, Павел Дуров, планира своето богатство од 20 милијарди евра да им го остави на своите деца, а се верува дека има повеќе од 100. Имено, познато е дека има шест деца со три различни партнерки, а се верува дека има уште околу 100 деца ширум светот, откако во голем обем донирал сперма на парови во 12 земји.

Во неодамнешно интервју за францускиот магазин „Le Point“, Дуров откри дека целото наследство ќе им го остави на сите свои потомци, нагласувајќи дека не прави разлика меѓу децата зачнати по природен пат и оние добиени со донирање.

„Сите тие деца се мои и сите ќе имаат исти права. Не сакам по мојата смрт меѓусебно да се судираат“, објасни милијардерот.


Меѓутоа, откри и дека ниту едно дете нема да добие пари во следните 30 години.

„Сакам да живеат како обични луѓе, сами да ги изградат своите животи, да научат да веруваат во себе, да бидат способни да создаваат, а не да зависат од банкарска сметка“, рече тој.


Дуров првпат откри дека има повеќе деца добиени со донирање минатата година, откако Русинката Ирина Болгар (44), која живее во Швајцарија, изјави за рускиот „Forbes“ дека тој е татко на нејзината ќерка и два сина; децата се родени во 2013, 2016 и 2017 година во Санкт Петербург и го носат неговото презиме. Таа објави и нивни заеднички фотографии.

Покрај Ирина Болгар, познато е и дека Дуров е во врска со Јулија Вавилова, со која исто така бил виден во јавност.


Основачот на „Telegram“, кој моментално има повеќе од милијарда активни корисници месечно ширум светот, често се нарекува „рускиот Марк Закерберг“ или „рускиот Илон Маск“.

Неговото богатство е проценето на околу 20 милијарди евра.

Роден во Русија, Дуров дел од детството поминал во Италија, а потоа се вратил во татковината кога неговиот татко, професор по античка римска книжевност, добил работа на Универзитетот во Санкт Петербург.

Кога имал само 21 година, Дуров ја основал платформата „VKontakte“ (VK), која ја нарекувале „рускиот Фејсбук“. Откако одбил на руските безбедносни служби да им ги предаде податоците за украинските демонстранти, бил принуден да ја напушти компанијата и да емигрира од земјата во 2014 година.


Тогаш и дошол на идеја за покренување на „Telegram“, како решение за безбедна комуникација.

По неуспешните обиди да се пресели во Берлин, Лондон и Сан Франциско поради бирократски пречки, Дуров се преселил во Дубаи, каде и денес живее. Има двојно државјанство, француско и емиратско, и останал единствен сопственик на „Telegram“.

Француските власти минатата година го задржале и го обвиниле во рамки на истрага за криминал поврзан со детска порнографија, трговија со дрога и измами поврзани со неговата апликација. Во март Дуров негираше каква било вмешаност и се врати во Дубаи, пренесува „Daily Mail“.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk