[ФОТО] Сопругата на Ристе Велков скршена, објави потресни зборови за него и за нивниот син: „ Збогум чедо мајкино, не си сам, со тебе се тато, Петар и Марко“

Точка

26/05/2026

09:05

1.432

Големина на фонт

а а а

Со зборови исполнети со неизмерна болка и тага, Христина Велкова се прости од својот сопруг, оперскиот баритон Ристе Велков, и нивниот син Адам Велков, кои трагично ги загубија животите во страшната сообраќајна несреќа на скопската обиколница.

Трагедијата што ја потресе цела Македонија се случи на 21 мај, на обиколницата на Скопје, помеѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци, кога камион управуван од 76-годишен возач од Косово изгубил контрола, ја пробил металната ограда и преминал во спротивната насока. Во несреќата животот го загубија Ристе Велков, неговиот 20-годишен син Адам Велков, како и нивните пријатели Петар Миланов и Марко Ѓорѓиевски.

Во потресна објава посветена на својот син, Христина Велкова ја отвори душата и ја сподели болката што ја чувствува по неговото заминување.

„Ах, Адам мој! Прва радост моја! Душава ми ја изгоре, срцето ми го распарчи! Си замина без поздрав, без да те прегрнам и помирисам за последен пат. Ме научи многу работи, но не ме научи како да живеам без тебе, без твојата најубава насмевка, без твојот глас“, напиша таа.

„Збогум чедо мајкино, не си сам, со тебе се тато, Петар и Марко. Ќе биде многу тешко без тебе“, стои во нејзината објава.

Со посебни зборови се прости и од својот сопруг Ристе Велков, кого го нарече „мој NABUCCO“, алудирајќи на познатата опера.

„Збогум љубов моја! Збогум кралу мој! Збогум мој NABUCCO! Денешното испраќање до твоето вечно почивалиште беше токму како сцена од ‘Nabucco’ – силна грмотевица и гром го погоди мојот Набуко, но овој пат засекогаш“, напиша Христина.

Таа откри дека и небото плачело заедно со нив за Ристе и Адам, додавајќи дека ќе направи сѐ за да ја израсне нивната ќерка Марија.

„Чувај го таму горе како што го чуваше овде на земјата, а јас ти ветувам дека душата ќе ја дадам за да ја пораснам и изведам на прав пат нашата малечка Марија“, напиша таа во емотивната објава на социјалните мрежи.

Смртта на Ристе Велков, Адам Велков, Петар Миланов и Марко Ѓорѓиевски предизвика огромна тага и сочувство во јавноста.