[ВИДЕО] Пораката од Кан која го обиколи светот: Руски режисер освои награда, па директно му се обрати на Путин - милиони луѓе од двете страни имаат само еден сон...

Точка

26/05/2026

11:12

693

Големина на фонт

а а а

Андреј Звјагинцев, руски режисер кој живее во егзил, го искористил говорот на церемонијата на доделување награди на Канскиот филмски фестивал за да упати личен апел до Владимир Путин да ја запре војната.

Стоејќи на сцената во Кан во саботата навечер, додека ја примаше Гран-при наградата за филмот „Минотаур“, Звјагинцев директно му се обрати на рускиот претседател Владимир Путин.

Откако им се заблагодари на жирито и на режисерот на филмовите MK2, Натанаил Кармиќ, Звјагинцев изјави:

„Денес сакам лично да се обратам на уште една личност, во мое име. Тој не користи VPN за да ја гледа оваа церемонија во живо, но сигурен сум дека во овој момент носи други, многу поважни одлуки. Исто така, не го користи интернетот за да ја слушне оваа порака, но знам дека има луѓе околу него кои ќе му ги пренесат овие зборови. А тие гласат: „Милиони луѓе од двете страни на фронтот имаат само еден сон - да го запрат крвопролевањето. Единствената личност што може да го заврши овој масакр е претседателот на Руската Федерација. Запрете го ова крвопролевање, целиот свет го очекува тоа.“

Инаку, заплетот на филмот „Минотаур“ се одвива во Русија во 2022 година и го следи Глеб, игран од Дмитриј Мазуров, успешен директор на компанија чиј внимателно уреден живот се распаѓа под притисок на деловните проблеми и сè понестабилниот свет, што на крајот води кон насилство.

Француско-германско-латвиската копродукција претставува прв долгометражен филм на Звјагинцев по речиси десет години. На проектот, тој повторно соработувал со директорот на фотографија Михаил Крикман и сценографот Андреј Понкратов, додека една од улогите ја игра Ирис Лебедева.

Во рецензија за „Варајети“, критичарот Гај Луџ напишал дека филмот функционира и како „врвен семеен трилер“ и како „остра критика на состојбата“ бидејќи ги препознава принципите на моќ, заплашување и негирање што се поврзани со владеењето на Путин.

„Неограничениот деспотизам, се испоставува, започнува во сопствениот дом“, изјавил Луџ.

Филмот „Минотаур“ се натпреварува на Филмскиот фестивал во Сиднеј, каде што ќе ја има својата австралиска премиера на 12 јуни.