Израел ги проширува операциите во Либан

Макфакс

26/05/2026

16:50

225

Големина на фонт

а а а

Израелската војска ги проширува своите копнени операции надвор од таканаречената „жолта линија“ во јужниот Либан, во борба против проиранската милитантна група Хезболах, додека напрегнатоста во регионот продолжува и покрај формалното примирје.

Израелската војска ги прошири своите копнени операции во јужниот дел на Либан надвор од таканаречената „жолта линија“, јавуваат израелските медиуми.

Станува збор за подрачје долж заедничката граница кое Израел го држи под окупација во рамките на, како што наведува, борбата против проиранската милитантна група Хезболах.

Поимот „жолта линија“ го воведе Израелската војска (ИДФ), иако таква граница не беше спомената во првите договори за примирје меѓу Израел и Либан.

ИДФ уште во април презентираше мапа на подрачјето кое го нарекува „предна одбранбена линија“, а кое опфаќа делови од јужен Либан под израелска воена контрола.

Иако примирјето формално сè уште е во сила, Хезболах делува независно од либанската влада, а двете страни ги продолжија меѓусебните вооружени судири и размената на оган.

Портпаролот на ИДФ за арапските медиуми претходно ги предупреди жителите на градовите Машгара и Сохмор да се евакуираат кон северните делови на провинцијата Бека. Според достапните информации, двата града се наоѓаат надвор од израелски дефинираната „жолта линија“, што укажува на понатамошно ширење на израелските воени активности во внатрешноста на либанската територија.