Хотелите „Бристол“ и „Јадран“ во Скопје одат на продажба, „Македонијатурист“ купува парцела вредна 17,7 милиони евра

Точка

27/05/2026

09:05

1.248

Големина на фонт

а а а

„Македонијатурист“ започнува со продажба на дел од својот недвижен имот во Скопје, откако Собранието на акционери на седницата одржана на 22 мај даде согласност за отуѓување на хотелите „Бристол“ и „Јадран“, попознат како Арапска куќа.

Одлуката е објавена преку Македонска берза, а покрај овие два хотела, на продажба ќе бидат понудени и станови на улицата „Максим Горки“, како и деловниот простор „Пивница“.


Во соопштението се наведува дека претседателот на Управниот одбор е овластен да ги потпише купопродажните договори, додека продажната цена за имотите ќе биде утврдена од овластен проценител.

Истовремено, акционерите одобриле и купување на градежна парцела со површина од 8.081 квадратен метар во населбата Реонски центар, во Општина Аеродром, на улицата „Г. Константиновиќ“, за сума од 17,7 милиони евра.

Од компанијата информираат дека парцелата има утврдена градежна намена за станбено-деловен објект, а идниот проект ќе биде насочен кон продажба и издавање на простор по неговата реализација.


Од „Македонијатурист“ оценуваат дека оваа инвестиција ќе придонесе за дополнително зголемување на приходите и за зајакнување на деловниот развој во наредниот период.

Во портфолиото на компанијата и понатаму остануваат хотелите „Белви“, „Бест Вестерн Хотел Турист“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј Ин“, кои продолжуваат со редовното работење.