Каде Европејците успеваат да заштедат најмногу пари, а каде се живее „во минус“?

Точка

26/05/2026

20:15

509

Големина на фонт

а а а

Инфлацијата, растот на цените и несигурноста предизвикана од конфликтите сѐ повеќе вршат притисок врз буџетите на домаќинствата ширум Европа, а податоците покажуваат дека граѓаните од различни земји различно управуваат со своите пари.

Според податоците на OECD, највисоки стапки на нето-штедење кај домаќинствата во Европа во текот на 2024 и 2025 година бележеле Шведска и Унгарија, со дури 14,7 проценти од расположливиот приход што граѓаните успеваат да го одвојат настрана.

Веднаш зад нив, со повеќе од 10 проценти, се наоѓаат Чешка, Франција, Германија и Холандија.

Во групата што е над европскиот просек се наоѓаат и Шпанија и Ирска, со 9,2 и 9 проценти.


Иако се сметаат за стабилни економии, Обединетото Кралство и Италија имаат изненадувачки ниски стапки на нето-штедење од 4,7 и 3,2 проценти. Во оваа категорија спаѓаат и Данска со 7,5 проценти и Финска со 4,4 проценти.

Земји како Естонија, Литванија, Португалија и Словачка се наоѓаат при дното на листата со помалку од 4 проценти. Додека во Летонија, домаќинствата го трошат секое евро што ќе го заработат.

„Должен како Грција“

Од друга страна, Грција е единствената европска земја во која домаќинствата се „во минус“. Тоа значи дека граѓаните трошат повеќе отколку што заработуваат, па разликата ја покриваат со заштеди или задолжување. Негативната стапка на штедење во Грција изнесува дури -9,3 проценти.

Експертите објаснуваат дека причината за ова треба да се бара во настаните од 2010 година, кога должничката криза ја турна оваа европска држава во негативни статистички показатели и оттогаш таа не закрепна.


Европејците денес штедат првенствено од претпазливост. Стравот од економска нестабилност, трошоците за живот и неизвесната иднина ги тера граѓаните да оставаат заштеда за „црни денови“. Пензијата останува главен мотив за одвојување пари настрана.

Интересно е што Европа штеди значително повеќе од САД. Во еврозоната просечната стапка на штедење меѓу домаќинствата се движи околу 14-15 проценти, додека во САД е повеќекратно пониска.