Без папучи, тренерки и шорцеви по лични документи: МВР воведува кодекс за облекување за вработените и граѓаните, еве што опфаќа

Точка

28/05/2026

08:50

1.153

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека со цел одржување на професионалниот стандард, дигнитетот на институцијата и меѓусебната почит, се воведува Кодекс за облекување за сите вработени и странки кои ги посетуваат просториите на Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи.

„Како институција која е постојан сервис на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува кон подобра работна атмосфера и почитување на државните институции. Во таа насока, ги замолуваме сите граѓани пред доаѓање во нашите простории (за подигнување лични документи, пасоши или други административни услуги) да се погрижат нивниот изглед да биде во рамките на општоприфатените норми за јавни институции“, порачаа од МВР.

Истовремено, од министерството напоменуваат дека и сите вработени во Одделот се задолжени доследно треба да го почитуваат утврдениот кодекс за облекување наменет за вработените во Министерството.


Што вклучува новиот кодекс за облекување?

Според новиот кодекс, како несоодветна облека ќе се сметаат премногу кратки и тесни парчиња облека, кратки панталони наменети за плажа или спорт, како и гардероба што во голема мера ги открива стомакот, градите или долната облека.

Од МВР дополнуваат дека неприфатлива ќе биде и облека која најчесто се носи дома, на плажа или во ноќни клубови, тренерки и спортска облека, како и гардероба со навредливи пораки или содржини.

Според кодексот, за несоодветни обувки ќе се сметаат и влечки, папучи, кломпи, налани и апостолки.

„Професионалниот изглед е важен дел од создавањето атмосфера на ред, почит и доверба во институциите“, додаваат од Министерството.