Европската унија нема да именува специјален претставник за преговори со Русија и планира да се фокусира на стратешкиот пристап и нови санкции, бидејќи се смета дека Русија не е подготвена за дијалог во моментот.
Европската унија нема да назначи свој специјален претставник за преговори со Русија до понатамошно известување, а засега, наместо да избира личност, ќе се фокусира на стратешко прашање, пишува агенцијата ДПА повикувајќи се на изјави на високи претставници и дипломати на ЕУ.
Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, и водечките членови на Унијата сметаат дека таков чекор засега нема да има смисла, изјавија овие извори на маргините од неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на Кипар.
„Треба да се договориме за што ќе разговараме со Русија“, рече еден претставник на ЕУ, објаснувајќи дека е потребно да се разјасни како ЕУ може да ги поддржи дипломатските напори за прекин на руската агресија врз Украина.
Покрај тоа, не постои верување дека рускиот претседател Владимир Путин е воопшто подготвен за преговори во овој момент.
Наместо тоа, планот е да се усвои нов пакет санкции против Русија.
Според информациите на ДПА, Европската комисија и ЕЕАС планираат денес да им презентираат на земјите-членки предлог за 21-от пакет санкции против Русија.
Во Брисел и во европските престолнини, во последно време се води интензивна дискусија за тоа дали ЕУ треба да назначи свој претставник за можни преговори со Русија.
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, поранешниот шеф на Европската централна банка Марио Драги и поранешниот претседател на Финска, Александар Стуб беа споменати како најверојатни кандидати за таква позиција на специјален претставник.
Рускиот претседател Владимир Путин го претстави поранешниот германски канцелар Герхард Шредер како потенцијален кандидат, но ЕУ ја отфрли таквата можност.
Ангела Меркел неодамна навести дека не е подготвена да ја преземе таа должност, велејќи дека сè уште ја гледа одговорноста за таквата работа кај сегашните државници.
Сепак, дипломатите сега на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на Кипар изјавија дека дискусијата за можниот европски претставник се води многу повеќе во медиумите, а многу помалку во политичките кругови.
Според нив, од дипломатска перспектива, не би било добра идеја сега да се назначи главен преговарач, кој не е сигурен дека дури и ќе биде вклучен во преговорите со Русија предводени од САД.
Во Брисел, исто така, е наведено дека претседателката на Комисијата, Урсила фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, имаат свои високи функционери кои, во краен случај, би можеле да водат преговори во име на ЕУ, а доколку станува збор за преговори на ниво на советник за безбедност, тогаш тука се шефовите на кабинетот на Кошта и фон дер Лајен.
Извори за ДПА известуваат од Брисел дека е замисливо водечките европски лидери, како што се францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц или италијанската премиер Џорџа Мелони, лично да ги водат преговорите.















