Уште еден удар за високото образование: Ниту еден македонски универзитет не се најде на листата Глобал 2000

Точка

01/06/2026

18:10

568

Големина на фонт

а а а

Ниту еден македонски универзитет не успеа да обезбеди место меѓу 2000 најдобро рангирани високообразовни институции во светот според најновата листа „Глобал 2000“, која ја објавува Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).

Отсуството на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како најголем и најстар универзитет во земјата, како и на останатите домашни универзитети, повторно ги отвора дилемите околу квалитетот на високото образование, научната продукција и меѓународната конкурентност на македонските академски институции.

Рангирањето оваа година е изработено врз основа на анализа на повеќе од 81 милион податоци и опфаќа 2000 универзитети од целиот свет, оценувани според нивните реални резултати, без користење анкети или информации доставени од самите универзитети.

Во регионот најдобро пласиран е Универзитетот во Белград, кој се најде на 393-то место. По него следуваат Универзитетот во Љубљана на 444-то и Универзитетот во Загреб на 522-то место.

Србија има вкупно четири универзитети на листата. Покрај белградскиот, меѓу најдобрите 2000 се и универзитетите во Нови Сад (1136), Крагуевац (1549) и Ниш (1886). Хрватска е на листата со три институции – универзитетите во Загреб, Сплит (953) и Риека (1658), додека Словенија покрај Љубљана се најде на листата и со Универзитетот во Марибор, кој е рангиран на 1293-то место.


На врвот на светската листа и годинава се наоѓа Универзитетот Харвард, пред Технолошкиот институт Масачусетс (МИТ) и Универзитетот Стенфорд. Во првите десет позиции се уште и универзитетите Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Чикаго.

Методологијата на Центарот за рангирање на светски универзитети се темели на четири клучни категории: квалитет на образованието (25 проценти), вработливост на дипломираните студенти (25 проценти), квалитет на академскиот кадар (10 проценти) и истражувачка работа (40 проценти).

На глобално ниво, Кина е земја со најголем број универзитети во првите 2000 – вкупно 360, додека Соединетите Американски Држави имаат 313 институции на листата и осум универзитети меѓу првите десет. Јапонија е застапена со 102 универзитети, Обединетото Кралство со 89, Франција со 71, а Русија со 42 високообразовни институции.

Фактот што ниту еден македонски универзитет не се најде на листата уште еднаш ја нагласува потребата од поголеми инвестиции во науката, истражувањата и развојот на високото образование, со цел домашните институции повторно да станат препознатливи и конкурентни во меѓународни рамки.