Вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, соопшти дека на премиерот Христијан Мицкоски му ја доставил својата оставка од функцијата што ја извршуваше.
Во објава на социјалните мрежи, тој истакна дека одлуката е донесена внимателно и произлегува од неговото уверување дека во актуелните околности тоа е најправилен и најдостоинствен чекор. Фетаи нагласи дека за време на неговиот мандат придонел за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото.
„Денеска му ја доставив на премиерот мојата оставка од функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење. Во изминатите две години имав чест и привилегија да ѝ служам на државата, придонесувајќи за реформи што имаат за цел зајакнување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото — мисија која е исто толку важна, колку што е и неблагодарна. Дали сум целосно задоволен од она што го постигнавме? Секако дека не. Секогаш има простор за повеќе, за подобро и за побрзо. Но, дали работев со максимална посветеност за да поставам здрави темели врз кои може понатаму да се гради? Без никаква дилема, да“, објави Фетаи.
Тој додаде дека заминува со крената глава и со чиста совест.
„Ова е внимателно донесена одлука, базирана на уверувањето дека во актуелните околности тоа е најправилниот и најдостоинствениот чекор. Им благодарам на сите што ми укажаа доверба, ме поддржаа и соработуваа со мене. Посебна благодарност до мојот тим, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните кои ми беа поддршка и мотивација на секој чекор“, истакна Фетаи.
Тој порача и дека службата на јавниот интерес не завршува со функцијата.
„Напротив, таа продолжува секаде каде што има потреба од интегритет, храброст и слободни гласови во одбрана на заедничкото добро“, додаде Фетаи.











